Поради зголемен број пациенти со ковид-19 на кои им треба хоспитализација, повторно се отворени ковид-центрите на Клиниките за нефрологија, за гастроентерохепатологија, за очни болести, како и на Клиниката за уво нос и грло.
Од Министертсвото за здравство велат дека во изминатите 24 часа во ковид-центрите во Скопје се хоспитализрани 55 нови пациенти поради компликации од коронавирусот. Вкупно 406 лица сомнителни и потврдени за ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град, а голем дел од пациентите се на кислородна поддршка.
Во моментов, во ковид центрите на Интерните клиники се лекуваат 166 пациенти. Во Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ има вкупно 79 болни, на Клиниката за инфективни болести лежи 131, а на Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле има 25 пациенти. На Клиниката за гинекологија има хоспитализирани пет позитивни пациентки.
Во Скопје утрово имало 76 слободни места, а се очекува во текот на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места.
Во ковид-центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 589 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот. Во болницата во Битола се хоспитализирани 54, а во болницата во Штип 38 пациенти. На Инфективното одделение во Тетово има 24 пациенти, во Велес се лекува 41 болен, а во Куманово 95 пациенти. Во Ковид-центарот во Охрид има хоспитализирано 63 пациенти, во Прилеп 81, во Гостивар 26, а во Струга 18 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 37 пациенти, во Кочани 7, во Кичево 9, Кавадарци 73, во Гевгелија 10 лица, а во Дебар 13 позитивни и суспектни на коронавирусот.
Вкупно во земјава во болница се лекуваат 955 пациенти.
А. АНТЕВСКА