ДОКТОРИТЕ ВО КРИВА ПАЛАНКА ГИ ПРАЌААТ СИТЕ ЗА КУМАНОВО И СКОПЈЕ, A 45 КРЕВЕТИ ЗА КОВИД ПАЦИЕНТИ И АПАРАТИ ЗА КИСЛОРОД 7 МЕСЕЦИ СЕ ПОД КЛУЧ

ДОКТОРИТЕ ВО КРИВА ПАЛАНКА ГИ ПРАЌААТ СИТЕ ЗА КУМАНОВО И СКОПЈЕ, A 45 КРЕВЕТИ ЗА КОВИД ПАЦИЕНТИ И АПАРАТИ ЗА КИСЛОРОД 7 МЕСЕЦИ СЕ ПОД КЛУЧНа 3 април, градоначалникот на Општина Крива Паланка Борјанчо Мицевски беше во посета на Здравствениот дом при што заедно со директорот д-р Бранко Стаменковски направи обиколка на новоопремениот оддел за прием на потенцијални пациенти од ковид-19. Ковид-одделот од тогаш е под клуч. (Фото: Општина Крива Паланка)

Веќе 7 месеци Ковид-одделението во Здравствениот дом од Крива Паланка е под клуч и досега не бил згрижен ниту еден пациент, иако бројот на заболени секојдневно се зголемува. Пациентите се жалат дека лекарите ги препраќаат на Инфективните клиники и во ковид-центрите во Куманово и Скопје, а оние за кои таму нема место или се со полесна клиничка слика се лекуваат во домашни услови.

Во Крива Паланка заедно со Општина Ранковце регистрирани се вкупно 258 заболени од коронавирус од кои активни се 106 лица, а има и 12 починати.

Ковид-одделот во Здравствениот дом во Крива Паланка беше отворен во април, со вкупна површина од 300 метри квадратни и 15 легла во Одделот, како и 30 дополнителни легла, но оттогаш нема видено ниту еден пациент.  (Фото: Општина Крива Паланка)

На почетокот на здравствената криза во Здравствениот дом во Крива Паланка, согласно насоките на Министерството за здравство, беше опремен оддел за прием и негување на заболени од ковид-19 и донирани се неколку апарати за кислородна поддршка, но тој досега не е ставен во функција. На 3 април, градоначалникот на Општина Крива Паланка Борјанчо Мицевски беше во посета на Здравствениот дом при што заедно со директорот д-р Бранко Стаменковски направи обиколка на новоопремениот оддел за прием на потенцијални пациенти од ковид-19.

Пациенти од Крива Паланка кои доаѓаат во Куманово и во Скопје се жалат дека во Крива Паланка не добиваат никаква здравствена услуга поврзана со ковид-19.

„Иако ги имаме сите симптоми на ковид-19, особено бронхопневмонија и отежнато дишење, во ковид-центрите во Скопје и Куманово не не` примаат доколку не сме тестирани и потврдени како позитивни случаи. А во Крива Паланка не се земаат брисеви за ПЦР тестови, па ни нашите матични лекари не знаат што да прават, немоќни се. Не нè згрижуваат ниту во Кривопаланечката болница, туку нè праќаат дома и од Брза помош ни ја даваат препишаната терапија. Дури ако ептен ни се влоши состојбата, тогаш нè транспортираат на Инфективна клиника, но за жал, некогаш е предоцна. Навремен здравствен третман има само за оние кои преку ургенции доаѓаат до болнички кревет во Куманово или во „8 Септември“ и Инфективна клиника во Скопје“, кажуваат пациенти кои ја контактираа редакцијата на САКАМДАКАЖАМ.МК.

Директорот на Здравствениот дом д-р Бранко Стаменковски, кој е хирург, му го покажува новиот апарат за воздух во Ковид-одделението на градоначалникот Борјанчо Мицевски при посетата на 3 април. (Фото: Општина Крива Паланка)

Пациентите кажуваат дека Здравствениот дом во Крива Паланка има три болнички одделенија и тоа за хирургија, интерна медицина и неврологија, меѓутоа и тие се празни затоа што не се примаат пациенти.

Директорот на Здравствениот дом д-р Бранко Стаменковски одби телефонски да одговори на прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК зошто не работи Ковид-центарот, и побара прашањата да му ги испратиме по е-пошта. Но иако ги испративме прашањата, одговор од директорот Стаменковски нема.

Од општествено одговорни локални бизнисмени, за Ковид-одделот биле донирани и пет апарати за кислородна терапија, т. н. кислородни концентратори, на кои истовремено можат да бидат приклучени и по два пациента. (Фото: Општина Крива Паланка)

На прашањето од САКАМДАКАЖАМ.МК зошто седум месеци не работи Ковид-одделението во Здравствениот дом во Крива Паланка, од Министерството за здравство одговорија дека „Ковид-одделенија во Здравствените домови не постојат бидејќи тие не може да вршат хоспитализација на пациенти“.

„Ковид одделенија има во болниците и во Клиниките. Конкретно за Крива Паланка, пациентите се лекуваат во болницата во Куманово, како и Скопје. Лесната форма на болеста може да се лекува во домашни услови под контрола на матични лекари. Но, многу е важно да знаат граѓаните дека и при најмало влошување на состојбата, по препорака на матичен лекар, пациентите треба да се јават во болница“, велат од Министерството.

Но, на сајтот на Општина Крива Паланка, сè уште стои текст за посетата на градоначалникот на Здравствениот дом на 3 април, во кој се вели дека според препораките на Министерството за здравство, комплетно е уреден и опремен медицински оддел за прием и негување заболени од ковид-19, како за потенцијални пациенти, така и за медицинскиот и помошниот персонал со вкупна површина од 300 метри квадратни и 15 легла во Одделот, а дека Здравствениот дом располага со искусни специјализирани медицински лица, кои секогаш се спремни да пружат врвна медицинска услуга на сите пациенти. Исто така, се вели дека се ставени на располагање и допoлнителни, соодветно опремени медицински простории, како и 30 дополнителни легла. Од општествено одговорни локални бизнисмени, за овој Оддел биле донирани и пет апарати за кислородна терапија, т. н. кислородни концентратори, на кои истовремено можат да бидат приклучени и по два пациента.

„Во овие моменти на глобална здравствена криза сите активно се вклучивме и заеднички правиме напори за подобра пристапност и третман за потенцијалните пациенти, а во насока на задоволување на потребите за подобра превенција и здравје на локалната заедница“, изјавил тогаш директорот на Здравствениот дом д-р Бранко Стаменковски, кој е хирург.

Но, за разлика од тогашните најави за посветеност на пациентите, сега за ковид болните во Крива Паланка се грижат само неколку медицински сестри од Итната медицинска помош, кои без придружба на лекар одат во домовите на болните за да им вклучат инфузија или да им ја аплицираат препишаната терапија, која по правило мора да се дава само во болнички услови. Тие истовремено се задолжени и за итните случаи, патронажа на болните од други болести, како и нивен транспорт до здравствените установи во Куманово и Скопје, поради што се на крај на издржливоста.

На однесувањето на управата од Кривопаланечката болница се жалат нивните колеги од Кумановската болница. Тие велат дека сите пациенти од Крива Паланка се препраќаат кај нив без да им се направи детален преглед, лабораториска анализа и рентген снимка на белите дробови, и покрај тоа што знаат дека капацитетите кај нив се преполни, наместо полесните случаи да ги згрижат во Кривопаланечката болница.

Директорката на Општата болница Куманово Снежана Захариева, вели дека проблемот го изнела и на состанокот со министерот Венко Филипче и претседателот на Комисијата за заразни болести, при што побарала кривопалапаланечките интернисти да дојдат на испомош, бидејќи нивниот персонал не е доволен да одговори на толкав број на заразени пациенти од Североисточниот Регион.

„И тие имаат ковид-центар, зошто да не ги хоспитализираат пациентите и да ги прегледуваат интернисти? И кај нас сите интернисти се ставени во служба на новото одделение – Инфективно 2, а плус ќе дежураат со општите доктори од Ургентниот центар. Кога целата држава се мобилизира, и лекари од Скопје одат да помагаат во Струмица, значи дека и лекарите од Крива Паланка треба да направат напор во новонастаната состојба“, вели Захариева.

Б. НЕСТОРОСКА


    ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


    Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира