ДРЖАВНАТА АДМИНИСТРАЦИЈА СЕ ВРАЌА НА РАБОТА ОД 1 ФЕВРУАРИ ВО ПОЛН СОСТАВ

    ДРЖАВНАТА АДМИНИСТРАЦИЈА СЕ ВРАЌА НА РАБОТА ОД 1 ФЕВРУАРИ ВО ПОЛН СОСТАВОд 20 октомври административците работеа од дома, одеа на работа во ротации или во смени по 4 часа. (Фото: СДК.МК)

    Од први февруари државната администрација се враќа на работа. Од 20 октомври по есенскиот бран и зголемениот број случаи на ковид-19, административците работеа од дома, одеа на работа во ротации или во смени по 4 часа. Од Владата на прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК кога планираат да ја вратат администрацијата на работа со оглед дека се намалува бројот на нови случаи, а министерот за здравство Венко Филипче изјавува дека состојбата е под контрола, велат дека тоа ќе се случи од наредниот месец.

    „Со оглед на тоа дека бројот на заразени е намален, од први февруари се планира да се врати принципот на работа и работниот процес на државна и јавна администрација во полн состав со полно работно време во работните места. За конечна одлука ќе биде земена предвид препораката на Комисијата за заразни болести којашто ја следи епидемиолошката состојба во однос на коронавирусот во државата”, одговараат од Владата.

    Државната администрација не оди на работа од почетокот на пандемијата на ковид-19. Во март со цел да се спречи ширење на вирусот, Владата донесе одлука административците да работат од дома. Дел од нив беа вратени на работа во јуни, но голем број продолжија да не одат бидејќи ослободени  од одење на работа беа бремените жени, хронично болни, како и родителите на деца до 10 години. Со отворањето на градинките во септември и почетокот на учебната година мерката веќе не важеше, па оние административци кои ја користеа мораа да се вратат на работа. Но, одењето на работа траеше еден месец бидејќи на октомври беше донесена нова одлука за работа од дома или во смени и ротации.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира