Двајца од тројцата пилоти на авионите за гасење пожар на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) заминаа во пензија. Со тоа, сега Дирекцијата има само еден пилот, а три авиони. Оглас за вработување не може да се објави бидејќи се распишани парламентарните избори и во предизборие не смее да се вршат нови вработувања во државните институции.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Беким Максути за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека проблемот ќе се реши после изборите, односно после 8 мај. Дотогаш, вели тој, нема опасност од шумски пожари и нема потреба да интервенираат „ер тракторите“.
„Точно е дека двајца вработени пилоти заминаа во пензија, но не можевме да распишеме оглас за вработување на нови, бидејќи додека ја добивме согласноста од Министерството за финансии се распишаа изборите. Откако ќе поминат изборите, ќе склучиме договор со двајцата пензионирани пилоти тие да работат додека вработиме и обучиме нови. Во овој период од годината немаме шумски пожари, па затоа не треба да интервенираат ‘ер тракторите’. Сега пожари имаме бидејќи се палат стрништа, а за нив интервенираат Противпожарните бригади“, вели Максути.
Ова лето, за разлика од пред две години, во функција ќе бидат сите три авиони. Максути вели дека при крај е тендерот за сервисирање на авионите. По склучување на договорот, два авиони ќе заминат на сервис и пред летната сезона ќе бидат вратени. Третиот авион може да лета до август.
А. АНТЕВСКА