ДВЕ МЕДИЦИНСКИ ЛИЦА ОД ИНФЕКТИВНА ПРВИ ЌЕ СЕ ВАКЦИНИРААТ ПРОТИВ КОВИД-19, ЗА ДЕНЕС СЕ ПРЕДВИДЕНИ 260 ДОЗИ

    ДВЕ МЕДИЦИНСКИ ЛИЦА ОД ИНФЕКТИВНА ПРВИ ЌЕ СЕ ВАКЦИНИРААТ ПРОТИВ КОВИД-19, ЗА ДЕНЕС СЕ ПРЕДВИДЕНИ 260 ДОЗИПрви ќе се вакцинираат здравствените работници од ковид-центрите. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Двајца здравствени работници од Клиниката за инфективни болести денес во 10 часот во монтажната болница први ќе се вакцинираат против ковид-19 во земјава. Тие ќе се вакцинираат со вакцините со првата пратка од „Фајзер“ од Србија.

    Во неделата пристигна првата пратка од 4.680 од вкупно 8.000 „фајзерови“ вакцини од Србија. Вакцините се чуваат во фрижидери на Институтот за трансфузиологија. Вакцинацијата ќе се одвива на пет вакцинални позиции, а во тимовите за имунизација има медицински сестри и лекари. Модуларната болница ќе работи во две смени од 8 до 20 часот.

    За денес, како што велат од Министерството за здравство, предвидено е вакцинирање на 260 здравствени работници.

    Според Националниот план за имунизација, во првата фаза ќе се вакцинираат здравствените работници од Ковид-центрите, конкретно, од Инфективната клиника и од Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје.

    „Според утврдениот план, термините за вакцинирање ќе бидат на 10 минути. Националниот систем до ковид-центрите низ државата, испрати списоци каде се наведени имиња на здравствени работници кои сакаат да се вакцинираат, со точен час и ден кога треба да дојдат да ја примаат вакцината во модуларната болница на Инфективната клиника. Ковид-центрите треба повратно да ги потврдат листите. На секој здравствен работник кој ќе прими вакцина веднаш ќе му биде резервирана втора доза за ревакцинација“, велат од Министерството.

    Здравствените работници кои не добиле покана за вакцинација против ковид-19 треба да се регистрираат електронски преку официјалната интернет страница www.vakcinacija.mk.

    Досега се пријавени 4.000 здравствени работници, од нив, околу 2.000 здравствени работници се во Скопје, а останатите се во другите градови. На веб-страницата досега над 46 илјади лица ја пополниле формата за аплицирање. На овој начин, тие се регистрираат во електронскиот систем Мој термин, а матичниот лекар може да го види податокот за секој пациент. Преку оваа апликација, граѓаните искажуваат само интерес, но не и закажување за термин за вакцинација, истакнува Министерството. Мој термин го утврдува датумот и часот за вакцинирање согласно фазите кои се содржат во Националниот план за имунизација на населението во земјава.

    Македонија очекува и 200.000 кинески вакцини против ковид-19, а во март и вакцината на „АстреЗенека“ од Ковакс-механизмот.

    Министерот за здравство Венко Филипче синоќа кажа дека во текот на следната недела се очекува да пристигнат и другите количини од Србија, а според последните информации од производителот, поради тамошните празници, до крајот на месецов треба да пристигнат и кинеските вакцини.  Согласно планот, дневно ќе се вакцинираат помеѓу 2 и 4 илјади лица.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира