ДВЕ ОД 14-ТЕ ЖРТВИ ВО ПОЖАРОТ ВО ТЕТОВО БИЛЕ РОДНИНИ НА ПОСЕТА КАЈ СОПРУГ И КАЈ МАЈКА, ОБЈАВИ ОБВИНИТЕЛСТВОТО

    ДВЕ ОД 14-ТЕ ЖРТВИ ВО ПОЖАРОТ ВО ТЕТОВО БИЛЕ РОДНИНИ НА ПОСЕТА КАЈ СОПРУГ И КАЈ МАЈКА, ОБЈАВИ ОБВИНИТЕЛСТВОТОПричината  за нивното присуство во моментот на несреќата, односно дали биле подолго време присутни во болницата или влегле внатре по опожарувањето за да ги извлечат своите роднини се истражува. (Фото: Ѓ. Личовски)

    По извршената обдукција на телата на 14-те жртви, кои на 8 септември вечерта изгореа во катастрофалниот пожар во модуларниот Ковид-центар во Тетово, се се утврди дека двајца се девојче и жена – роднини, кои се затекнале крај болната мајка, односно кај болниот сопруг, легнати внатре во објектот, соопшти Обвиителството. Осум жени изгореле, шест мажи.

    „Од доставените извештаи од Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија при Медицински факултет во Скопје до Обвинителството, се утврдува дека од починатите, осум жртви се жени и шест мажи, на возраст од 29 до 78 години. Од нив, 12 лица биле хоспитализирани како пациенти во ковид-болницата. Од починатите, две лица и тоа сопруга на пациент и ќерка на пациентка, се надворешни лица кои не биле хоспитализирани. Причината  за нивното присуство во моментот на несреќата, односно дали биле подолго време присутни во болницата или влегле внатре по опожарувањето за да ги извлечат своите роднини се истражува. По налог на Обвинителството, извршена е обдукција и на почината пациентка, која настрадала од ковид-19 и за чиј живот се борел медицинскиот персонал непосредно пред избувнувањето на пожарот. Телото на веќе починатата пациентка било изнесено во моментот на избувнување на пожарот. Обдукцијата по барање на Обвинителството беше извршена за точно утврдување на причините за смртта, при што се констатира дека настанатата смрт не е последица од пожарот“, соопшти Обвинителството.

    Министерот за здравство Венко Филипче вчера кажа дека во моментот на пожарот во болницата имало 26 пациенти, 2 лекари и 4 медицински сестри, нема повредени или починати здравствени лица. 12 пациенти кои се евакуирани безбедно од изгореноот Ковид-центар сега се во Тетовската болница и се во стабилна состојба, без последици од пожарот.

    Обвинителството презело мерки за обезбедување на видеоснимки од ЈЗУ Клиничка болница во Тетово, од и околу болницата, околните деловни објекти, станбени згради, куќи, како и обезбедување на целокупниот видео-материјал објавен, како од индивидуални поединци, така и од социјалните мрежи. Снимките се вештачат по издадени наредби. Се очекува извештаите од нивната анализа да помогнат во расчистување на настанот.

    Донесени биле наредби до Одделот за крим-техника и вештачење за подигнување материјални докази и обезбедување на трагите од местото на настанот, како и наредби за нивно вештачење, со цел утврдување на причинско-последичната врска за настанување на пожарот.

    „Во таа насока донесена е наредба за ангажирање на вешто лице од областа на електротехниката, кој беше присутен и на самото место во опожаренито објект и чија експертиза ќе одговори на прашањата за причинско-последичната врска за настанување на пожарот. Сослушани се дел од сведоците од местото на настанот, дел од лекарскиот персонал кој бил присутен во модуларната ковид-болница ноќта кога е избувнал пожарот. Во меѓувреме, сослушани се и се сослушуваат и останатите лица кои можат да дадат потребни известувања во врска со настанатиот пожар“, вели Обвинителството.

    Обвинителството издало наредба на СВР Тетово за одземање на целокупната документација во врска со изградбата на модуларната болница, од самата болница, а исто така и од правното лице – изведувачот на изградбата.

    Основното јавно обвинителство во Тетово, во соработка со Основното јавно обвинителство во Скопје, презема неопходни мерки и активности и за проверка на евентуални пропусти од страна на одговорните лица во однос на почитување на прописите заштита при работа, а меѓу другото, и на прописите од областа на противпожарната заштита.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира