Миѓен Селмани, поранешниот директор и член на Управниот одбор на Македонска навигација (М-НАВ), и покрај гаранцијата на министерот Благој Бочварски дадена пред Синдикатот на контролори на летање, сепак се вработил таму, и тоа на огласот што траеше само два дена во декември лани. За тој оглас ексдиректорот Фахрудин Хамиди тврдеше дека е грешка на Агенцијата за вработување.
Селмани, како и многу други партиски кадри, е вдомен во М-НАВ сега како сметководител. На измислените и несуштински работни места за вдомување партиски кадри таму се земаат огромни плати. Од Управниот одбор на М-НАВ потврдија за САКАМДАКАЖАМ.МК дека поранешниот директор Селмани е вработен во одделот „Сметководство“.
Откако лани на 15 декември САКАМДАКАЖАМ.МК објави фотографија од специјално објавениот оглас за Селмани, кој траеше од 15 до 17 декември, или од петок до недела, за да не види никој друг и да се пријави само тој, тогашниот директор Фахрудин Хамиди тврдеше дека се работи за грешка. Тврдеше дека таков незаконски оглас М-НАВ не објавил, додека контролорите на летање го тврдеа спротивното и најавија штрајк и затворање на небото за авиопрелети за Нова Година.
- ЗА НОВА ГОДИНА ЌЕ НЕМА ЛЕТОВИ, КОНТРОЛАТА НА ЛЕТАЊЕ ЌЕ ГО ЗАТВОРИ НЕБОТО ОД 31 ДЕКЕМВРИ ДО 2 ЈАНУАРИ АКО ДИРЕКТОРОТ НЕ ГИ ПОВЛЕЧЕ ОГЛАСИТЕ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ
- КОНТРОЛОРИТЕ НА ЛЕТАЊЕ НЕ ТРЕБА ДА ШТРАЈКУВААТ ЗА НОВА ГОДИНА, ОГЛАСОТ ЗА СОВЕТНИК ЗА КАДРОВО ШТО ТРАЕШЕ САМО ВИКЕНДОВ Е ГРЕШКА, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ ФАХРУДИН ХАМИДИ
Вдомувањето на Миѓен Селмани беше една од причините и за претходно најавениот голем штрајк за 12 октомври. На 11 октомври, по петчасовни преговори кај министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, контролорите на летање беа разубедени, со ветување на министерот дека лично тој нема да дозволи да се вработува Селмани. Односно, на петчасовните преговори било договорено дека за вработувањето на Селмани, за кого веќе имало одобрение од Министерството за финансии, оглас нема да смее да се распише.
По објавување на текстот, од Министерството за транспорт реагираа дека „во ниту еден случај, ни министерот, ниту пак министерството не учествувало со лицитација на имиња во постапките за вработување во М-НАВ“.
Оттаму додаваат дека М-НАВ е самофинансирачка институција со сопствени органи на управување, а Министерството за транспорт и врски нема надлежност да учествува во носење на одлуки ниту во финанискиот дел, ниту во оперативното работење.
Претседателот на Синдикатот на контролори на летање Александар Тасевски уште тогаш тврдеше дека се прави пат за ексдиректорот Миѓен Селмани по секој цена да се протне во М-НАВ на измислено и непотребно работно место, бидејќи контролорите знаеја дека тој имал добиено и одобрување од Министерството за финансии, кое го води ДУИ.
По разрешувањето на Фахрудин Хамиди, М-НАВ има нов Управен одбор на чело со нов директор Хекуран Асани. Тој е искусен човек од М-НАВ, долгогодишен контролор на летање.
Во моментов, Финансиската полиција го истражува работењето на претходниот менаџмент во М-НАВ. Контролорите на летање велат дека инспекторите истражуваат работи за кои вработените во М-НАВ не ни помислиле дека некој ги правел.
С. К. ДЕЛЕВСКА