Амбасадорот на Холандија во Македонија Ваутер Пломп изјави дека по конституирањто на Собранито следен чекор е формирање влада за да земјата тргне напред.
„Мислам дека е позитивно е што конечно Собранието се конституираше и успеа да избере спикер, што беше признаено и од ЕУ и САД. Сметам дека следен чекор е формирањето на Влада, што е можно побрзо, за да ја придвижи земјата напред,“ изјави Пломп во интервјуто за телевизијата „Алсат-М“.
Тој смета дека какво било друго сценарио нема да биде од корист за Македонија и нејзините граѓани.
„Се надевам многу дека државните интереси ќе бидат ставени над личните и партиските интереси. сметам дека Собранието е она место каде што различните мислења треба да се разменуваат со цел да се добие продуктивна дебата која ќе ја придвижи земјата напред, и тоа е нешто што би сакал да го видам во блиска иднина“, рече додаде Пломп.
Холандскиот амбасадор вели дека бил шокиран кога слушнал што се случувало во Собранието на 27 април вечерта. Додека се случуваше организираниот напад на Собранието, на само стотина метри од таму, во хотелот „Мериот“ Пломп беше домаќин на приемот по повод националниот ден на Холандија и роденденот на холандскиот крал, на кој беше присутен целиот дипломатски кор во земјава. По веста за нападот на Собранието, првата изјава со осуда на меѓународната заедница ја даде амбасадорот на Шведска Матс Стефансон, како најстар меѓу присутните.
„Бев многу шокиран кога слушнав за случувањата во Собранието во четвртокот навечер. Истото важи и за министрите за надворешни работи кои се среќаваа во Малта наредниот ден, како што можевте да чуете од нивните изјави, од изјавата на високата претставничка Могерини, комесарот Хан и холандскиот министер за надворешни работи Берт Кундерс. Сметам дека е позитивно тоа што следниот ден скоро сите политички чинители во Македонија се согласија со меѓународната заедница и го осудија овој организиран напад врз Собранието, но следниот чекор мора да биде целосна истрага и кривично гонење на оние кои ги извршија овие дела, а можеби и оние кои посредуваа или не направија доволно за да спречат ова да се случи. Мислам дека е тоа нормален развој на настаните за било која земја, било да е членка на ЕУ или не, а особено кога станува збор за држава која се стреми да стане земја членка на ЕУ“, вели холандскиот амбасадор Пломп.