ЕВРОПРАТЕНИЦИТЕ КУКАН И ВАЈГЛ ЈА ПОВИКАА ОПОЗИЦИЈАТА ДА СЕ ВРАТИ ВО СОБРАНИЕТО И СО ВЛАСТА ДА РАБОТАТ НА СТРАТЕШКИТЕ ПРАШАЊА

    ЕВРОПРАТЕНИЦИТЕ КУКАН И ВАЈГЛ ЈА ПОВИКАА ОПОЗИЦИЈАТА ДА СЕ ВРАТИ ВО СОБРАНИЕТО И СО ВЛАСТА ДА РАБОТАТ НА СТРАТЕШКИТЕ ПРАШАЊАЕвропратениците Иво Вајгл и Едвард Кукан на денешната Конференцијата за владеење на правото во земјите на Западен Балкан во Собранието. (Фото: М. Златевска)

    Парламентарното мнозинство и Владата се решени да ги надминат сите отворени прашања кои ја блокираат Македонија кон влезот на Европската унија (ЕУ), а со тоа и дефинитивно да добиеме датум за почеток на преговорите, рече претседателот на Собранието Талат Џафери на отворањето на Конференцијата на Парламентарните комисии за европски прашања на државите од процесот за стабилизација и асоцијација од Југоисточна Европа (ЈИЕ).

    Претседателот Џафери ја повика опозицијата да се врати во Собранието, бидејќи, не бил доволен само ангажманот на мнозинство и на Владата, туку во реформските процеси треба да се вклучи и опозицијата. Европратеникот Иво Вајгл, кој е известувач за Македонија во Европскиот парламент (ЕП), ја повика опозицијата да се врати во Парламентот, бидејќи власта и опозицијата мора да работат заедно за доброто на државата.

    „Владата и коалицијата на власт има одговорност да направи опозицијата да се чувствува комотно и активно и да и се даде шанса, особено за стратешки прашања што всушност недостасува во овој момент. Имам големи очекувања од процесот ‘Жан Моне’, но тој најверојатно ќе почне во март, но тоа нема да биде во Париз. Одлуките и заклучоците ќе се донесат во Собранието“, рече Вајгл.

    Министерот за надворешни работи Никола Димитров, зборуваше за билатералните спорови во регионот, за кои рече дека мора да се соочиме со самодоверба и со исправена глава.

    „Мораме да отвoраме врати и градење мостови и мене ми е исклучително задоволство што успеавме со Бугарија да го потпишеме Договорот за добрососедство. Нашиот следен предизвик се односите со Грција и спорот со името. Правно Грција нема никакво право да не блокира. Но, имаме политички проблем, а бидејќи сакаме да станеме сојузници со Грција, а не можеме да бидеме сојузници ако се клоцаме и обвинуваме“, рече Димитров.

    Министерот Димитров на ЕУ и на САД им порача дека има и една лекција за нив, а тоа е неодржливоста да се очекува од држава кандидат да биде конструктивна ако е цело време заклучена во чекалницата и дека има политичките лидери го губат компасот, но, тоа било вина на Македонија.

    Организатор на Конференцијата за владеење на правото во земјите на Западен Балкан е собраниската Комисија за европски прашања, а претседателот на комисијата Артан Груби, ја повика Европската унија да не ја остава Република Македонија и Западен Балкан уште во чекалната, каде, како што рече, дувале источни ветрови.

    На конференцијата покрај амбасадорите на ЕУ и на САД, Самуел Жбогар и Џес Бејли, учествуваа и европратениците Иво Вајгл, Едвард Кукан, министрите за надворешни работи и за правда Никола Димитров и Билен Салији, и претставници од парламентите од земјите од Западен Балкан.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира