ГРАЃАНИТЕ НЕ ВЕРУВААТ ДЕКА АНТИКОРУПЦИСКАТА КОМИСИЈА ИСТРАЖУВА КОРУПЦИЈА

    ГРАЃАНИТЕ НЕ ВЕРУВААТ ДЕКА АНТИКОРУПЦИСКАТА КОМИСИЈА ИСТРАЖУВА КОРУПЦИЈАПретседател на петтиот состав на седумчлената комисија, именуван на 14 април 2015, е д-р Игор Тантуровски (во средината) (Фото: ДКСК)

    Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) најмногу потфрлила кај надлежностите поврзани со надзор и контрола, и тоа кај оние поврзани со следење потенцијални злоупотреби за време на избори и надзор врз политичките партии, се вели во извештајот за работата на Комисијата од 2006-2015 што денеска го претстави Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).

    „Иако ДКСК може во значајна мера да придонесе во борбата против корупцијата во изборниот процес, досега никогаш не подготвила посебен извештај за можните злоупотреби на буџетските средства и средства од јавните фондови за изборна кампања или воопшто за финансирање изборна и друга политичка активност, бидејќи не утврдила дека имало такви злоупотреби во изборите спроведени од 2006 до 2015. Ова е една од надлежностите преку која ДКСК може во значајна мера да придонесе во борбата против корупцијата во изборниот процес“, се вели во извештајот.

    Извештајот за работата на Комисијата од 2006-2015 денеска го претстави Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) (Фото: МЦМС)

    Има и значително намалување на пријави за корупција од граѓаните до ДКСК – дури десет пати помалку пријави во 2015 споредбено со 2007, односно, само 127 пријави во 2015 наспроти 1.114 осум години претходно.

    „Ова може да се толкува како пад на довербата на јавноста во ДКСК и нејзино непрепознавање од граѓаните како институција која ќе ги истражи случаите каде тие се сомневаат во корупција“, се вели во извештајот.

    Комисијата сега има 27 вработени, а буџетот од 170.000 евра во 2006 пораснал на 564.000 евра во 2017. Претседател на петтиот состав на седумчлената комисија, именуван на 14 април 2015, е д-р Игор Тантуровски.

    Според извештајот, Комисијата потфрлила и во евидентирањето и следењето на имотната состојба на избрани и именувани лица. Континуирано се намалува бројот на проверени анкетни листови, од 126 проверени лица во 2011 на 43 во 2015. Опаѓа и бројот на барања за поведување прекршочни постапки поради недоставување анкетен лист, од 58 во 2008 на7 во 2015. Исто така, се намалува и бројот на барања за проверка на имотната состојба и покренати иницијативи за поведување постапка пред надлежните органи за кривично гонење на избрано или именувано лице –  од 102 покренати иницијативи од 2007 до 2015, 27 биле покренати во 2008, а 2 во 2015. Овие иницијативи вклучувале вкупно постапки против 96 лица и 74 постапки против група лица. Од овие 96, два лица биле на високо ниво, 59 на средно ниво и 35 на ниско ниво.

    „Од јуни, 2016 воспоставен е и Регистарот на именувани и избрани лица, којшто се ажурира врз основа на податоците добиени од институциите кои вршат избори и именувања. Регистарот не е ажурен бидејќи институциите ненавремено ги доставуваат податоците. Меѓутоа ДКСК не покренала постапки пред надлежните судови за изрекување глоба на институциите и на одговорни лица во институциите кои не доставиле пополнети обрасци за избрани и именувани лица“, се вели во извештајот на МЦМС.

    Во извештајот се забележуваат потфрлања и во транспарентноста и отчетноста на Комисијата.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари