И АВСТРИЈА ЌЕ ПРИМА ТУРИСТИ ВАКЦИНИРАНИ СО КИНЕСКА И РУСКА ВАКЦИНА ПРОТИВ КОВИД-19

    И АВСТРИЈА ЌЕ ПРИМА ТУРИСТИ ВАКЦИНИРАНИ СО КИНЕСКА И РУСКА ВАКЦИНА ПРОТИВ КОВИД-19Австриската министерка Каролине Едштадлер и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји денеска во Скопје дојдоа заедно со првите вакцини од помошта од ЕУ. (Фото: К. Попов)

    И за влез во Австрија нема да има ограничување со типот на вакцините против ковид-19, соопшти денеска министерот за здравство Венко Филипче по средбата со сојузната министерка за ЕУ и Устав на Австрија Каролине Едштадлер. Тој кажа дека сертификатите кои граѓаните треба да ги добијат по примањето на две вакцини за непречено движење надвор од границите ќе биде предмет на взаемно договарање на двете земји.

    Денеска од Австрија дојде првата количина на вакцини од „Фајзер“, вкупно 4.860 преку Тимот на Европа, до крајот на мај се очекуваат вкупно 19.890 дози, а до крајот на август треба да стигнат сите 119.000 дози кои за Македонија се распределени од вкупно 650.000 дози за земјите од Западен Балкан.

    Австрија, Грција и Унгарија се засега единствените земји на ЕУ кои ќе примаат туристи вакцинирани и со вакцините кои не се регистрирани од Европската агенција за лекови (ЕМА), а тоа се кинеските „Синовак“ и „Синофарм“ или руската „спутник“ на „Гамалеја“. Унгарија, пак, е единствената земја од ЕУ каде жителите се вакцинираат и со „Синофарм“ и со „спутник“. Дури и премиерот Виктор Орбан се вакцинираше со кинеската вакцина.

    Грчките туристички власти објавија дека негативен ПЦР тест нема да се бара од туристите кои се имунизирани со вакцина на „Фајзер/Бионтек“, „Модерна“, „АстраЗенека“, „Новавакс“, „Џонсон и Џонсон“, „Синовак“, „Кансино бајолоџикс“, „Синофарм“ или „Гамалеја“ (спутник). Грција нагласува дека вакцинирањето не е задолжителен услов за влез во земјата, туку доволен ќе биде и негативен ПЦР тест не постар од 72 часа, односно доказ за прележан ковид-19.

    Министерот за здравство Венко Филипче најави дека и македонските граѓани ќе можат да патуваат во Грција од 14 мај, при што исто така ќе мора да приложат потврда за вакцинирање или негативен ПЦР тест.

    „Изготвен е сертификат по насоки на ЕУ, со посебен код кој ќе им служи на граѓаните да патуваат во Грција откако тамошните власти ќе донесат и официјална одлука за тоа, а треба да се случи на 14 мај, рече Филипче на 22 април.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира