Без договор завршија преговорите на политичките партии, потписнички на Договорот од Пржино, што се одржаа во резиденцијата на амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли. Договорот запна на единственото преостанато спорно прашање, односно ингеренциите на министерот за внатрешни работи.
На средбата присуствуваа Никола Тодоров од ВМРО-ДПМНЕ, Радмила Шекеринска од СДСМ, Артан Груби од ДУИ и Имер Алиу од ДПА. Посредници на преговорите се американскиот амбасадор Џес Бејли и заменикот на евроамбасадорот Аиво Орав, кој е на дополнителни консултации во Брисел.
Помошничката државен секретар на САД Викторија Нуланд минатиот вторник рече дека почувствувала оти кај политичките лидери има политичка волја да се договорат и замина охрабрена дека договор ќе има многу брзо. Се шпекулираше дека работата требаше да биде завршена до петокот, кога ЕУ амбасадорот Аиво Орав наводно требало да замине на одмор.
Во петокот вечер американскиот амбасадор Џес Бејли изјави дека за време на викендот ќе им остават простор на партиите да размислат во однос на предложените опции, иако напомена дека е оптимист и дека имало извесен напредок.
И Европската комисија, во петокот, преку портпаролот Маја Коцијанчиќ го поздрави напредокот на преговорите, но ги повика партиите итно да најдат одговор и за последното отворено прашање.