Лидерот на ДПА Мендух Тачи в понеделник е викнат да даде исказ во СЈО, потврдија од партијата за САКАМДАКАЖАМ.МК. Во ДПА ни рекоа дека Тачи е повикан како сведок во предистражна постапка во врска со некаква истрага за дела што произлегоа од аудио снимките од таканаречените бомби – прислушуваните разговори што лани ги објави опозицијата.
На нашето прашање за кој случај е повикан да сведочи, од ДПА ни одговорија:
„Па, можете да претпоставите“.
Од СЈО за САКАМДАКАЖАМ.МК попладнево потврдија дека уште пред десет дена преку МВР имаат испратено дузина покани за распит во предистражна постапка за сегашни и поранешни функционери, но категорично одбиваат да ги соопштат нивните имиња. Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева уште во понеделникот соопшти дека во периодот што следи ќе има зголемена фреквенција на лица во нејзиното Јавно Обвинителство, но таа нема да открива детали за предистражните постапки.
Во бомбите за изборните измами, меѓу другото, имаше разговор во кој Сашо Мијалков, тогашен директор на Управата за безбедност и контраразузнавање бара од Тачи членот од ДПА во ДИК да гласа да се усвои приговорот на ВМРО-ДПМНЕ за Струмица. По ова, Тачи му се јавува на Бедредин Ибраими, членот на ДПА во ДИК, и дава налог како да се гласа во Комисијата и да се даде поддршка за Струмица, во замена за поддршка од ВМРО-ДПМНЕ за Чаир.
„Тука сум, ако треба нешто, кажи, за сé, до смрт“, се слуша како му вели Тачи на Мијалков, а потоа му дава налог на Бедредин Ибраими.
Бедредин Ибраими е член на Државната изборна комисија и во сегашниот состав.
В понеделник во СЈО исказ за изборните измами треба да дадат и Самка Ибраимовски, лидерот на Партијата за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР) и членот на ДИК Силвана Бонева. Ибраимовски потврди дека ќе оди на распит, а Бонева не одговараше на мобилниот телефон, ниту пак одговори на нашата смс порака.
Во средата на распит во СЈО се појавија Гордана Јанкулоска поранешната министерка за внатрешни работи и Тони Јакимовски, поранешен шеф на кабинетот на директорот на УБК Сашо Мијалков. И тогаш СЈО не откри дали станува збор за предметот „Тврдина“, каде што и Јанкулоска и Јакимовски се осомничени, или се викнати на распит за друг предмет кој уште не е објавен.
Во врска со новата серија покани за распит, специјалната обвинителка Катица Јанева соопшти дека „постапките се однесуваат на досега објавените и необјавени неовластено прислушкувани разговори“ и дека заради тајноста на предистражната постапка, поконкретни детали нема да се откриваат“.