Народните избраници во Собранието се исправени пред историската одлука за иднината на Македонија, и од таа одлука ќе зависи новата фаза од нашата историја: побогато општество, повеќе можности за сите, членство во НАТО, а потоа и членство во ЕУ, рече премиерот Зоран Заев на прославата на Денот на народното антифашистичко востание 11 Октомври на Спомен-костурницата на паднатите борци во НОБ во Куманово.
„11 Октомври е дел од востанието на нашата генерација. Ова е востание на гласот, со којшто ќе ја осигураме иднината на слободна независна, европска и просперитетна Македонија. Тој граѓански глас ги повика институциите да ја овозможат европската и евроатланската иднина на сегашните и идните генерации во Македонија. Сега е редот на гласот на народните избраници во Собранието, кои се исправени пред историската одлука за иднината на Македонија, за сите нас. Пред 77 години борците од НОБ почнаа борба за иднината, а нашата генерација денес ја има таа чест да се избори за европската иднина во Република Македонија. Сега е време да им покажеме на последните скептици дека Република Македонија е новата звезда во европското соѕвездие и дека го заслужуваме тоа место“, рече Заев.
Премиерот кажа дека смета оти секоја генерација е должна да ги проширува видиците, а секој граѓанин да реагира тогаш кога некој го блокира и го оневозможува развојот на државата.
„Оваа должност и одговорност најмногу ја имаат политичките лидери, но и на народните претставници, затоа мораме да продолжиме, одлучно и храбро во остварувањето на нашата стратешка цел. Во оваа фаза од нашата историја, за побогато општество и повеќе можности за сите, членство во НАТО, а потоа и членство во ЕУ“, рече Заев.
Денеска во Куманово се одржа централната прослава за 11 Октомври, а цвеќе пред споменикот положија делегации од Сојузот на борците, Владата, Собранието, Претседателот, АРМ, МВР, локални самоуправи, голем број на политичари, амбасадори, гости од општествениот и политичкиот живот во државата.
С. НИКОЛИЌ