ИМА НАЧИН ЗАЕДНО ДА СТАПАТ НА СИЛА УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ И РАТИФИКАЦИИТЕ НА ДОГОВОРОТ ОД ПРЕСПА И ПРОТОКОЛОТ ЗА ВЛЕЗ ВО НАТО, ВЕЛИ ДИМИТРОВ

    ИМА НАЧИН ЗАЕДНО ДА СТАПАТ НА СИЛА УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ И РАТИФИКАЦИИТЕ НА ДОГОВОРОТ ОД ПРЕСПА И ПРОТОКОЛОТ ЗА ВЛЕЗ ВО НАТО, ВЕЛИ ДИМИТРОВ„Има начин да влезе во сила Преспанскиот договор заедно со двете ратификации од страна на парламентот во Атина - и на Договорот од Преспа и на нашиот пристапен протокол во НАТО“, рече министерот за надворешни работи Никола Димитров (Фото: Влада на РМ)

    Mинистерот за надворешни работи Никола Димитров рече дека во блиски консултации меѓу владите и министерствата за надворешни работи на Македонија и Грција, двете земји нашле начин како да стапи во сила Договорот од Преспа.

    „Најдовме начин нашиот внатрешен процес, влегување во сила на уставните амандмани, кој зависи од тоа кога и како ќе се заврши работатата од парламентот во Атина, да биде усогласен со влегување во сила на Преспанскиот договор. Има начин и многу е важно и од аспект на нашиот домашен уставно-правен поредок и од аспект на влегување на сила на Договорот од Преспа, кој е меѓународен билатерален договор, тие две работи да се случат заедно, да влезе во сила Преспанскиот договор заедно со двете ратификации од страна на парламентот во Атина  – и на Договорот и на нашиот пристапен протокол во НАТО. Има начин и за тоа да се направи, разговаравме за тоа како да се направи последните денови“, рече Димитров на заедничката прес-конференција со министерката за одбрана Радмила Шекеринска и вицепремиерот Бујар Османи.

    Грчката влада останува силно посветена да ја заврши работата со Договорот од Преспа, рече Димитров, одговарајќи на новинарско прашање како оставката на грчкиот министер за одбрана Панос Каменос ќе се одрази на ратификацијата на договорот во грчкиот парламент ако има гласање за доверба на владата на Алексис Ципрас.

    „Ја видов веста за оставката на министерот за одбрана на Грција. Имав кратка коресподеција со мојот колега Катругалос и добив уверување дека грчката влада останува силно посветена да ја заврши работата со Преспанскиот договор. Покорисно е да упатиме порака да го направат овој исчекор кон блиско пријателство, кое требаше и порано да го направиме“, рече Димитров.

    Неофицијално, во Владата велат дека поради гласањето доверба за Ципрас усвојување на Договорот од Преспа ќе има мало одложување за неколку дена. Гласањето доверба и дебатата во парламентот трае 2-3 дена и веднаш по гласањето на дневен ред ќе биде ставена ратификацијата на Договорот од Преспа. Според моменталната динамика, целиот процес во Атина завршува до крај на јануари. По ова, веднаш следува и ратификација во грчкиот парламент на протоколот за пристапување на Македонија во НАТО, откако ќе биде потпишан од амбасадорите на 29 земји членки.

    „Овие процеси немаат одлагање“, велат од Владата.

    Каменос поднесе оставка во знак на протест против договорот за името со кој беше ставен крај на долгогодишниот спор со Македонија. Левичарската Сириза на Ципрас има 145 пратеници во Парламенот со 300 места, а десничарска партија Независни Грци на Каменос има 7 и на премиерот ќе му треба помош од опозицијата за да се ратификува Договорот од Преспа. На прес-конференција денеска Каменос призна дека е сигурен само за три гласа, неговиот и на уште двајца пратеници, од кои едната е заменик-министерката за одбрана Марија Колиа-Царуча, која ќе даде оставка заедно со него. Двајца други пратеници, од кои едниот е сојузник кој не е член на партијата, одамна изјавија дека ќе гласаат за Договорот од Преспа.

    Откако Собранието на Република Македонија на 11 јануари ги усвои уставните измени согласно Договорот од Преспа со кои името на земјата е Република Северна Македонија за севкупна употреба, со признати македонски јазик и македонска националност, грчкиот Парламент треба да го ратификува Договорот, со што ќе се деблокира постапката за влез на Македонија како 30. членка на НАТО.

    Е. БОЧВАРОСКА

     

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари