Инспектори од одделот за организиран криминал од Министерството за внатрешни работи по налог на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство, минатата недела започнаа истрага за работењето на преходниот директор на Македонскиот народен театар (МНТ), режисерот Дејан Пројковски, потврдија од МВР за САКАМДАКАЖАМ.МК. Од МВР велат дека е во тек предкривична постапка и дека повеќе детали не смеат да откриваат во интерес на истрагата.
Од кабинетот на министерот за култура Асаф Адеми велат дека Министерството поднело пријава во МВР, откако сегашната в. д. директорка на МНТ Симона Угриновска, која беше назначена во февруари, побарала ревизија на работата на претходниот директор.
Пројковски беше директор на МНТ од 2015-2017, а претходно 4 години беше уметнички директор. Сега е вработен како режисер во МНТ.
Угриновска, ни потврди дека екипи на МВР се во театарот и дека во интерес на истрагата не смее да дава изјави. Таа ни рече дека од правен застапник побарала да направи ревизија на работењето на претходното раководство, кој пак пријавата ја поднел во Министерството за култура. Угриновска додава дека за МНТ побарала и ревизија од Државниот завод за ревизија, а оттаму директно во Министерството пратиле одговор дека ревизијата на МНТ не е во план за 2018.
- РЕЖИСЕРОТ АЛЕКСАНДАР ПОПОВСКИ ОД МНТ ЗАМИНУВА ЗА ДИРЕКТОР ВО МАРИБОР
- ГИ ИСТРАЖУВАМЕ НЕПРАВИЛНОСТИ ВО МНТ НА КОИ УКАЖА АЛЕКСАНДАР ПОПОВСКИ, ВЕЛАТ ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА
Случајот со неправилностите во работењето на правната и финаниската служба на театарот во периодот кога Пројковски бил директор, во јавноста во јуни годинава го откри режисерот Александар Поповски, дента кога си поднесе оставка од функцијата претседател на Управниот одбор на МНТ.
„Пројковски, по поднесената оставка на место директор, во систематизацијата на установата фигурира и како режисер и како уметнички директор. Платата која ја прима е за позицијата уметнички директор, 40.000 денари, а според решение кое не е одобрено од Управниот одбор, фигурира на местото режисер кое не постои. Во овој момент МНТ има вработено пет режисери, Пројковски е шестиот. Сакам да потенцирам дека нашиот увид во овој проблем беше нецелосен и речиси невозможен, поради низа нелегални постапки од повеќе служби во овој случај во самата институција“, рече Поповски.
Поповски кажа дека кога дошол на оваа функција, заедно со Одборот и со в. д. директорката Симона Угриновска, побарале од правната и од финаниската служба на театарот увид во долговите, новата систематизација и евентуални неправилности. Нивната работа, рече Поповски, била дополнително отежната и од нерасчистената ситуација во однос на моментални финансиски обврски на МНТ кон добавувачи врз основа на претходно склучени договори за јавни набавки на стоки и услуги и обрвски за комуналии во периодот од 2015 до 2017, поради што постои основ за сомневање за ненаменско трошење на средства во износ од 150 илјади евра.
Оваа сума е утврдена од правната служба на барање на Управниот одбор и од независната ревизија, побарана од Угриновска. За оваа ситуација се известени, рече тогаш Поповски, Министерството за култура и Министерството за внатрешни работи.
Од кабинетот на министерот за култура Асаф Адеми, во јуни најавија дека Министерството за култура веќе постапува по укажувањата за неправилности од страна на Македонскиот народен театар и ќе ги земе во предвид укажувањата на режисерот Александар Поповски.
„Министерството за култура ја следи состојбата во МНТ и ќе соработува интензивно како и досега со сите институции, во чии надлежности се посочените проблеми. Воедно, Министерството за култура информира дека веднаш ќе пристапи кон консултации за именување на нов член на Управниот одбор на МНТ и во согласност со законските процедури ќе ја извести навремено јавноста“, стоеше во соопштението од кабинетот на Адеми.
Б. НЕСТОРОСКА