ЈА ДРЖИМЕ СИТУАЦИЈАТА СО ПОЖАРОТ ПОД КОНТРОЛА, ДЕСЕТИНА ГРАЃАНИ ВДИШАЛЕ ЧАД, НО ЖРТВИ НЕМА, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА КОЧАНИ ИЛИЈЕВ

    ЈА ДРЖИМЕ СИТУАЦИЈАТА СО ПОЖАРОТ ПОД КОНТРОЛА, ДЕСЕТИНА ГРАЃАНИ ВДИШАЛЕ ЧАД, НО ЖРТВИ НЕМА, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА КОЧАНИ ИЛИЈЕВПожарот над Кочани избувнал во 13 часот и поради ветерот неконтролирано се ширел. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Ситуацијата е критична, но ја држиме под контрола, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев. Како што вели Илијев, во пожарот зафатени се неколку куќи, но за среќа жртви нема, граѓаните навремено се евакуирани од домовите. Поради густиот чад кој се шири низ градот, десетина граѓани вдишале чад и се пожалиле на проблеми со дишењето.

    „Пожарот избувна околу 13 часот и поради топлото време и силниот ветер неконтролирано се ширеше кон селото Бели, од таму кон индустриската зона, па продолжи кон боровата шума и зафати неколку куќи. За среќа успеавме да го спречиме уште повеќе да навлезе и да зафати повеќе куќи. Во моментов иако пожарот е активен и уште се шири, ја држиме ситуацијата под контрола. Вечерва стигнува помош од сите градови, од Кавадарци, Свети Николе, Штип, Македонска Каменица, Скопје и други. Преку денот не можеа да ни помогнат оти пожари имаше и на други делови од земја и таму гаснеа. На помош е пратена и армијата. Верувам дека на крајот сите заедно ќе бидеме победници. Најважно е што нема човечки жртви, колкава ќе биде матeријалната штета ќе проценуваме откако ќе го совладаме пожарот“, вели градоначалникот Илијев.

    Претседателот Стево Пендаровски како Врховен командант на Армијата во 16.30 часот издаде наредба за ангажман на армијата со целосен капацитет. Одобрена е и употреба на воздухопловите, кои денеска интервенираа во Старо Нагоричане, а утре наутро одат на помош во Кочани.

    „Во текот на денот беа ангажирани околу 170 припадници на Армијата, а во текот на ноќта ќе се следи состојбата на терен и ќе се ангажираат дополнителни сили, како и средства за справување со состојбите и помош на населението насекаде каде што има потреба“, велат од Кабинетот на претседателот Пендаровски.

    Активни пожари има во повеќе делови низ земјава, а ветерот кој дува во текот на целиот ден ја отежнува работата на пожарникарите. Државава во моментов нема на располагање авиони за гасење на пожари оти оние кои ги има Дирекцијата за заштита и спасување не се сервисирани и затоа не можат да летаат. Уште нема ниту избрано фирма која ќе ги сервисира.

    А. АНТЕВСКА

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира