НИШТО НЕ Е ГОТОВО, ВЕЛИ ЈОВЕСКИ И ЧЕКА СИГНАЛ ОД КАТИЦА ДА ГИ ПРОДОЛЖИ ИСТРАГИТЕ НА СЈО

    НИШТО НЕ Е ГОТОВО, ВЕЛИ ЈОВЕСКИ И ЧЕКА СИГНАЛ ОД КАТИЦА ДА ГИ ПРОДОЛЖИ ИСТРАГИТЕ НА СЈОВрховниот суд стопираше 18-тина истраги на СЈО, меѓу кои се и „Империја“ со Орце Камчев и Сашо Мијалков, „Попис“ со Али Ахмети и „Пациент“ со Бујар Османи. (Фото: СДК.МК)

    Со одлуката на општата седница на Врховниот суд да ги оспори поведените и завршените истраги на Специјалното јавно обвинителство, владеењето на правото се врати 10 години наназад, смета Јавниот обвинител Љубомир Јовески. Тој во изјава за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека уште ништо не е готово со истрагите на СЈО што сака да ги стопира Врховниот суд.

    Јовески вели дека чека акција од специјалната обвинителка Катица Јанева во врска со судбината на спорните истраги, меѓу кои се и „Империја“ со Орце Камчев и Сашо Мијалков, „Актор“ со Никола Груевски, „Попис“ со Али Ахмети, „Пациент“ со Бујар Османи, „Моќник“ со Антонијо Милошоски, истрагата за проектот „Скопје 2014“, „Талир“ за незаконското финансирање на ВМРО ДПМНЕ…

    „Јавниот обвинител на Македонија, според законот за Специјалното обвинителство, нема ингеренции да се меша во работата на СЈО. Ништо не е готово со нивните истраги. Напротив. Ние чекаме акција од Специјалното обвинителство, да се обрати до нас, да седнеме тимови да ги отвориме предмет по предмет нивните отворени истраги, да видиме до каде се, доказите дали и колку се собрани и да одлучиме што од тие предмети може да биде преземено од страна на Обвинителството за организиран криминал и корупција, без прислушувани материјали. Но ќе повторам, тоа прашање треба да го покрене Специјалното обвинителство, а не Јавното обвинителство на Македонија“, вели Јовески.

    За него одлуката на Врховниот суд е антиреформска и нема врска со владеење на правото. Вели дека Врховниот суд не смее да постапува по иницијативи на граѓани и да толкува закони или членови на закони. Тоа е работа на Собранието на Македонија.

    „Врховниот суд може да носи начелен став кога има различна судска пракса во врска со примената на член на закон, а тука нема различна судска пракса, предметите на СЈО ги суди еден суд, Основниот суд Скопје 1, по единствена судска пракса. Никако не смее да расправа и зазема начелни ставови или мислења по иницијатива на граѓани. Оттука, не сум баш сигурен дека судиите од Основниот суд Скопје 1, па и од Апелациониот суд Скопје, ќе го земат за обврзувачко ова мислење кое вчера надвор од ингеренциите го изгласаа врховните судии“, вели државниот обвинител Љубомир Јовески.

    Врховниот суд без дискусија на вчерашната седница, по претставка на Боро Тасевски и Еленко Миланов, двајцата адвокати на обвинети и осомничени во предметите на СЈО, одлучи дека по истекот на 18 месеци од преземањето на бомбите (а тоа е 30 јуни 2017), Специјалното обвинителство воопшто не смеело ниту да покренува автентични, свои, односно нови истраги, ниту пак да презема од редовното обвинителство истраги стоени во фиоки, со нивно просто поврзување со прислушуваните разговори.

    Во СЈО владее разочарување од опасните игри на највисоката судска власт.

    „Првин нè оставија да работиме 2 години, за на крајот да ни кажат дека всушност, не требало да работиме“, велат обвинителите во СЈО.

    Јанева сѐ уште нема коментар за одлуката на Врховниот суд да им ги забрани сите поведени истраги по поднесените обвиненија на 30 јуни 2017.

    На 11 јануари, на брифинг со новинарите министерката за правда Рената Дескоска рече сам СДСМ не може да го регулира и изгласа статусот на СЈО. Рече дека камен на сопнување во партиските преговори за статусот на СЈО се бомбите и тоа што ќе биде со истрагите на СЈО по истекот на тие 18 месеци. Тогаш не откри која е партијата покрај ВМРО-ДПМНЕ што ја блокира работата и новиот закон за СЈО. Место Собранието, лидерот на ДУИ Али Ахмети и вицепремиерот Бујар Османи вчера ги спасуваше Врховниот суд.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира