На вториот ден од седницата на собраниската комисија за симнување на пратеничкиот имунитет на осомничениот Трајко Вељаноски, колешката од ВМРО-ДПМНЕ Благица Ласовска изрази загриженост за неговата безбедност ако биде притворен. Вељаноски е меѓу осомничените за организација на нападот на Собранието на 27 април 2017 и собраниската комисија треба да одлучи дали ќе му го симне имунитетот, на барање од Судот, откако Обвинителството и за него побара притвор.
Од останатите осомничени, во притвор во затворот во Шутка е Спире Ристовски, а синоќа во домашен притвор е пуштен Миле Јанакиески. Никола Груевски е во бегство, исто како и Никола Бошковски од УБК, а Владимир Атанасовски, ексдиректор во УБК, од поодамна е осомничен организатор и е во притвор во затворот во Шутка. Во четвртокот, Ристовски и Јанакиески беа дел од инцидент во затворот во кој обајцата биле нападнати. Случајот го испитуваат надлежната полициска станица и Народниот правобранител. По инцидентот директорот на затворот во Шутка Ѓоко Котевски си даде оставка.
„Како ќе го пратиме Трајко Вељаноски таму? Има нови закани од затворени лица во Шутка, викаат: ‘Ги чекаме политичарите!'”.
На ова претседателот на Комисијата за мандатно-имунитетни прашања Павле Богоевски праша како токму сега бил нападнат повратникот во Шутка Миле Јанакиески и баш Спире Ристовски?
„Среќа што нема никој повреден, ама се прашувам како ова случајно му се погоди на избеганиот Никола Груевски кој доби азил со тврдење дека условите во затворот биле опасни“, рече Богоевски.
Ласовска рече дека нема опасност од бегство и влијание врз сведоци од страна на Вељаноски. Таа рече „уапсете нè сите и дајте да завршиме со прогонот“ и потсети дека пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, впрочем, сами се нуделе да им биде симнат имунитетот.
„Да, Груевски рече дека тоа ќе го направи, но прв лавовски избега во Унгарија и сега од таму на сите ни се смее, и нам и вам“, и одговори Богоевски.
За тврдењето дека да сакал Вељаноски да бега, досега ќе го сторел тоа, Богоевски и објасни дека шансите за бегство кај осомничените лица растат со подигнувањето на обвинение и оти човечки е лицето пред тоа да се надева дека ќе куртули од истрага.
Ласовска побара еднаш веќе да се открие кој го организираше тепањето на пратениците, но не е убедена, рече, дека тоа е Вељаноски.
С. К. ДЕЛЕВСКА