„НЕ СТЕ ТУКА ДА ПОСТАВУВАТЕ ПРАШАЊА И ДА ДАВАТЕ КОМЕНТАРИ“, ОДГОВОР НА МИНИСТЕРОТ БЕКТЕШИ ЗОШТО ПЛАЌАМЕ ПОСКАП ГАС ОД БЕРЗАНСКАТА ЦЕНА

    „НЕ СТЕ ТУКА ДА ПОСТАВУВАТЕ ПРАШАЊА И ДА ДАВАТЕ КОМЕНТАРИ“, ОДГОВОР НА МИНИСТЕРОТ БЕКТЕШИ ЗОШТО ПЛАЌАМЕ ПОСКАП ГАС ОД БЕРЗАНСКАТА ЦЕНА„Добра соработка невероватно имате со колегите, значи ви ги даваат нивните прашања што сакаат да ги постават... но нема проблем...“, кажа Бектеши место одговор на на новинарско прашање. (Фото: Влада на РСМ)

    Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) најостро го осудија односот на министерот за економија Крешник Бектеши, кој на денешната прес-конференција по поставено прашање од ТВ Канал 5 ја понижи новинарката со коментар дека поставува прашање во име на други колеги. На ова, новинарот на ТВ Телма реагираше дека алузијата на Бектеши му е за оваа телевизија, наводен нарачател на прашањето, па откако му кажа дека изнесува дрски и безобразни коментари за новинарите, го праша: „Просто е прашањето: Зошто Министерството за економија и Владата набавуваат поскап гас од оној кој е на берзата?“.

    Бектеши, наместо соодветен одговор на прашањето, го искара новинарот дека „вие не сте тука повикани да давате коментари и да поставувате прашања“.

    ЗНМ вели дека не станува збор за изолиран случај, туку за негативен тренд на однесување кон новинари што бележи пораст, и дека ќе ги извести партнерските организации, вклучувајќи ги и ОБСЕ, Европската Федерација на новинари – ЕФН и Советот на Европа.

    Ова е четврт негативен испад на политичар кон новинари во изминатиот период, а првите три беа на премиерот Димитар Ковачевски, лидерот на ДУИ Али Ахмети и вчерашниот случај во Министерството за образовани и наука (МОН), од советникот на министерот Јетон Шаќири.

    „Крајно време е функционерите да ја сфатат сериозноста на својата позиција пред јавноста и да престанат со директни вербални напади и инсинуации за професионалниот пристап кон работата на новинарите“, велат ЗНМ и СЕММ.

    И Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) остро реагира на недоличниот и дрзок односот на министерот Бектеши, кон новинарите. ССНМ смета дека „арогантниот и омаловажувачки однoс на Бектеши кон новинарите денеска не само што е скандалозен и неприфатлив, туку и ја отежнува работата на новинарите и медиумските работници и може да предизвика самоцензура, непријателско однесување кон нив, загрозување на нивната безбедност, како и нарушување на нивниот интегритет“.

    Синдикатот бара од функционерите да престанат со дискредитација на новинарите и медиумските работници и да престанат да се впуштаат во оцена за тоа како и за која цел тие поставуваат прашања за кои постои јавен интерес.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира