МИЦКОСКИ ПРОТИВ ЈАНЕВА ДА ОСТАНЕ ВО СЈО, ЗАЕВ НЕ ОТСТАПУВА

    МИЦКОСКИ ПРОТИВ ЈАНЕВА ДА ОСТАНЕ ВО СЈО, ЗАЕВ НЕ ОТСТАПУВАМицкоски бара Катица Јанева и нејзиниот тим обвинители да не бидат дел од СЈО бидејќи смета дека го загубила интегритетот и довербата на граѓаните, додека Заев не отстапува од тоа Специјалната јавна обвинителка да го предводи СЈО и во иднина; - Од лидерската средба на премиерот Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски (Фото: К. Попов)

    Премиерот Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на лидерската средба што заврши доцна ноќва се договорија да се формираат работни групи во Собранието за донесување на Законот за Јавно обвинителство, со кој Специјалното јавно обвинителство ќе биде дел од Основното јавно обвинителство (ОЈО).  Мицкоски бара Катица Јанева и нејзиниот тим обвинители да не бидат дел од СЈО, бидејќи смета дека таа го загубила интегритетот и довербата на граѓаните, додека Заев не отстапува од тоа Специјалната јавна обвинителка да го предводи СЈО и во иднина.

    На новинарско прашање како очекува да постигнат договор во работните групи за овој реформски закон кога Мицкоски кажа дека Јанева и нејзиниот тим не треба да бидат дел од СЈО, Заев рече дека не отстапува од неговиот став бидејќи и сегашниот закон за СЈО тоа го предвидува.

    „Мене ме радува што на оваа средба имаше конструктивност. И самиот закон предвидува по истекот на рокот СЈО да добие мандат уште една година. Моја желба е да имаме консензус за овој реформски закон, ако немаме ќе направам сè да имаме двотретинско мнозинство“, кажа Заев.

    Заев очекува реформските закони да бидат изгласани во Собранието до крајот на март, оти потоа Парламентот нема да работи поради претседателските избори. Мицкоски не сакаше да каже дали до крајот на март ќе се најде консензус за реформските закони.

    „Ние го добивме Законот за јавно обвинителство во четвртокот. Со рокови и ултиматуми тешко се снаоѓам. Важно е да добиеме квалитетен закон“, изјави Мицкоски по завршување на лидерската средба која траеше два и пол часа.

    На средбата се разговарало и за тоа претстојните претседателски избори да поминат во фер и демократска атмосфера, за што Заев рече дека земјава мора да има кристално чисти избори оти и тие ќе бидат оценувани од Европската комисија при отворање на пристапните преговори со ЕУ.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари