Имате силна меѓународна поддршка, но сега на вас граѓаните останува одлуката за евроатланската иднина на земјата, рече еврокомесарот за европска добрососедска политика и преговори за проширување Јоханес Хан утрово во Владата. Хан денеска го означи почетокот на скрининг процесот за почетокот на преговорите со Европската унија.
Како што кажа еврокомесарот, скринингот ќе опфати темелни активности за да се подготви земјата за почетокот на преговорите кои ќе стартуваат во јуни догодина, а клучни ќе бидат реформите во судството и вледеењето на правото, јавната администрација, безбедносните и разузнавачките служби.
„Сите сме понесени од договорот за името со Грција, но има уште многу прашања на кои треба да се работи. Вратата на Европската унија е ширум отворена на вас, останува тоа да го искористите. Ги поттикнувам граѓаните да учествуваат на референдумот, особено младите. Имавме случаи како во Велика Британија, каде младите луѓе не излегоа на референдумот за брегзит и беше донесена одлука која не ги отсликува нивните ставови. Се работи за вашата земја за вашата иднина“, рече Хан и ги повика сите политички партии да се постават над партиските интереси за евроатланските перспективи на земјата.
Премиерот Зоран Заев рече дека денес е голем ден, оти на заедничката владина седница со еврокомесарот Јоханес Хан ги дефинирале следните чекори за спроведување на скрининг процесот.
„Имаме историска задача. Затоа овој процес ќе го предводи владата, но ќе бидат вклучени сите страни. Владата го назначи Бујар Османи за главен преговарач за ЕУ, за негов заменик ќе биде сегашниот посебен советник за евро-атлански интеграции во мојот кабинет Бојан Маричиќ. Владата го задолжи и министерот за надворешни работи да подготви информација со предлог на концепт за преговарачката структура и истиот да гo достави за усвојување во Владата““, рече Заев.
На новинарско прашање за реакцијата од Русија, која за русофобија ги смета неговите изјави дека руски бизнисмени плаќале за насилните протести во Македонија против договорот за името со Грција, Заев рече дека Руската федерација треба да знае оти за Македонија нема алтернатива освен полноправно членство во НАТО и ЕУ.
По средбата во Владата, Хан во Собранието ќе има средба со претседателот Талат Џафери и со лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски.
А. АНТЕВСКА