МУ ДАДОВ МЕТЛА НА ЗАЕВ ДА ЗАЧИСТИ, ЈАС СИ ДАДОВ ОСТАВКА КОГА ЗГРЕШИВ, И ТОА ПРИВАТНО, НЕ СЛУЖБЕНО, ВЕЛИ ГЛУМЕЦОТ И ЕКСДИРЕКТОР НА МНТ ДАЦ

    МУ ДАДОВ МЕТЛА НА ЗАЕВ ДА ЗАЧИСТИ, ЈАС СИ ДАДОВ ОСТАВКА КОГА ЗГРЕШИВ, И ТОА ПРИВАТНО, НЕ СЛУЖБЕНО, ВЕЛИ ГЛУМЕЦОТ И ЕКСДИРЕКТОР НА МНТ ДАЦАктерот и поранешен директор на МНТ, Драган Спасов- Дац вечерва на премиерот Заев, насреде трибина во скопската општина Карпош му подари метла (Фото: Фејсбук профил на Стево Пендаровски)

    Глумецот Драган Спасов – Дац на предизборна трибина на СДСМ во скопската општина Карпош му подари метла на премиерот Зоран Заев кој по слабите резултати на претседателските избори во првиот круг најави дека ќе прави чистка на неспособните функционери.

    „Не беше ништо испланиранирано, ни намерно. Во моментот кога премиерот Заев говореше дека е неопходна чистка во партијата, станав и отидов до локалниот маркет и купив метла. Тој прво се збуни, не искоментира ништо и ме праша само:  Ова за мене ли е? Одговорив: Да! Затоа што искрено мислам дека на паријата и е неопходна чистка“, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК актерот Драган Спасов-Дац.

    Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев на трибината изјави: „Граѓаните ни испратија порака дека има незадоволство од централната и локалната власт, таа порака ја примивме и ќе има чистки“.

    Драган Спасов – Дац во јануари 2018 година си поднесе оставка од функцијата директор на Македонскиот народен театар, по сообраќајна несреќа во која што удри пешак.  Тој тогаш изјави дека тоа што своеволно се повлекол од функцијата го прави различен од оние против кои се борел на протестите против претходната влада.

    „Јас згрешив и си поднесов оставка од морални причини.Но, погрешив во мое приватно време со приватна кола.Не му погрешив на театарот,ни како директор ни како глумец“, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК Драган Спасов – Дац.

    „Моето учество во протестите против погубното владеење на претходната Влада најнапред во непочитувањето на Уставот и законите, во крајна линија трајното нарушување на јавнот морален дискурс – не беа без причина. Јас се борев против оние за кои не важеа никави правила. Со мојот своеволен избор и следствено оставка, сакам да истакнам дека сум поинаков од оние против кои се борев. Чувствувам немерлив срам, вина и одговорност“, напиша тогаш Дац на неговиот профил на Фејсбук.

    По првиот круг за претседателските избори кандидатот на СДСМ Стево Пендаровски освои само 4.500 гласови повеќе од кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска-Давкова. Заев, Пендаровски и вицепремиерката Радмила Шекеринска кои говореа на трибината кажаа дека тесната разлика им е јасна порака од граѓаните дека се незадоволни од власта.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира