МВР И ОБВИНИТЕЛСТВОТО УШТЕ НЕ ОТКРИЈА КАКО ИЗБЕГАЛ, А ГРУЕВСКИ НАЈАВИ ДЕКА ЕДЕН ДЕН ЌЕ СЕ ВРАТИ

    МВР И ОБВИНИТЕЛСТВОТО УШТЕ НЕ ОТКРИЈА КАКО ИЗБЕГАЛ, А ГРУЕВСКИ НАЈАВИ ДЕКА ЕДЕН ДЕН ЌЕ СЕ ВРАТИИзбеганиот експремиер и пратеник Никола Груевски во Будимпешта даде ексклузивно интервју за телевизија Сител, кое го водеше новинарката Славица Арсова (Фото: принтскрин ТВ Сител)

    Избеганиот осуден експремер и пратеник Никола Груевски кој доби азил во Унгарија, вчера во интервју од егзилот во Будимпешта со новинарката Славица Арсова од ТВ Сител му се пофали на МВР дека од Македонија излегол многу едноставно. Рече дека очекува власта да го најде сама одговарајќи на прашањето како ја напуштил Македонија, потсетувајќи со зборовите:„Нели ќе откриеле?“.

    Бегството на Груевски, кој требаше да лежи две години затвор за нарачката на луксузниот мерцедес од 600.000 евра од парите на полицијата, по негова желба и замисла, сè уште е во предистражна постапка, иако уште на 12 декември 2018 шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција Вилма Рускоска рече дека во наредните две недели треба да бидат соопштени досегашните сознанија во предистражната постапка.

    Рускоска вчера по интервјуто на Груевски на ТВ Сител, за САКАМДАКАЖАМ.МК рече дека нема коментар за неговите изјави околу бегството, ниту за тоа што им се смееше в лице на органите на прогонот. Само најави дека обвинителот што ја води предистрагата од понеделник ќе излезе во јавноста со досега сработеното.

    Но, Рускоска потврди дека главните снимки од Албанија, за тоа како ја напуштил Македонија преку Албанија, дефинитивно ги нема. А тие, како што кажа таа, се клучни за она што го бара предистрагата, а тоа е кој му помогнал на Груевски во бегството. Потсети дека снимките од безбедносните камери на граничните премини во исто време биле побарани од Албанија и од Црна Гора. Црна Гора ги дала за две недели, Албанија по скоро двомесечен молк, на крајот кажа дека автоматски се избришале.

    Министерот Оливер Спасовски не беше достапен за коментар.

    Груевски ја предизвика власта да открие сама како ѝ побегнал и кажа дека не бил под 24-часовно обезбедување. Обезбедувањето од МВР, што сам си го избра, рече дека доаѓало да го придружува само по повик, кога требало да излезе од дома и да се движи. Рече дека некогаш со денови не им се јавувал кога не излегувал од дома.

    Тој рече дека прво бил решен да оди в затвор, ама после решил да замине.

    „Власта да може нешто друго лошо да ми направи, а да ми помогне, не“, ѝ одговори тој на новинарката Арсова која го праша дали некој од власта му помогнал да избега.

    Речиси 3 месеци по бегството, ниту министерот Оливер Спасовски, ни премиерот Зоран Заев не открија какви сознанија имаат за бегството на Груевски, повикувајќи се на тајноста на предистражната постапка што ја води обвинителството.

    Азилантот Груевски кажа дека еден ден ќе се врати, бидејќи не бил дојден во Унгарија да живее, туку да се засолни од политичкиот прогон на власта. Рече и дека ќе почне да пишува мемоари.

    Додека беше на власт, телевизијата Сител беше постојан избор на Груевски за да се огласи во јавноста. На 26 февруари 2017, кога Зоран Заев изјави дека со 67 пратенички потписи следниот ден ќе оди кај Иванов да побара мандат за влада, Никола Груевски на интервју на Сител кое го водеше истата новинарка Славица Арсова рече: „Сакам да им порачам на сите граѓани дека ако сметаат и ако планираат со седење дома и гледање телевизија дека некој друг ќе им ја одбрани државата длабоко се во заблуда. Државата може во ваква ситуација да ја одбрани само народот“. По ова интервју на Сител, на 27 февруари почнаа протестите на иницијативата „За заедничка Македонија“ што кулминираа со организираниот напад на Собранието на 27 април, кривично дело подготовка и терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.

    И емитуваните прислушувани разговори открија дека Сител беше целосно во служба на режимот на Груевски. СЈО покрена обвиненија за затајување данок за уредниците Ивона Талеска, која доби условна казна од 2 години во случајот “Тифани“, и за Драган Павловиќ-Латас чие судење е во тек за “Тотал“.

    Груевски на 9 ноември 2018 требаше да се пријави во затворот во Шутка на издржување на двегодишната затворска казна за предметот на СЈО „Тенк“, но избега во Унгарија преку Албанија, Црна Гора и Србија. На 20 ноември објави дека од Унгарија добил политички азил. Истиот ден Министерството за правда објави дека го испратило барањето за екстрадиција на Груевски до министерството за правда на Унгарија.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари