НАМАЛЕН ПРАГОТ ЗА АЛАРМИРАЊЕ, ИТНИ МЕРКИ ЌЕ ИМА АКО ДВА ДЕНА ПО РЕД Е ЕКСТРЕМНО ЗАГАДЕНО

    НАМАЛЕН ПРАГОТ ЗА АЛАРМИРАЊЕ, ИТНИ МЕРКИ ЌЕ ИМА АКО ДВА ДЕНА ПО РЕД Е ЕКСТРЕМНО ЗАГАДЕНОВладата ја рaзгледува можноста како да се направи интервентен увоз на маски и прочистувачи на воздухот, кои ќе бидат наменети за здравствените установи, детските градинки и училиштата (Фото:Ѓ.Личовски)

    Денес стапија на сила измените на уредбата за граничните вредности на загадувачки материи, со кои се менува прагот за алармирање кога централните и локалните власти можат да преземат итни мерки за намалување на аерозагадувањето.

    Според овие измени, место пет дена, сега прагот на алармирање е два дена, односно ако два последователни дена концентрацијата на загадувачки материи во воздухот е над 200 микрограми на кубен метар, Министерството за здравство и Министерството за животна средина треба да донесат мерки со кои од работа се ослобоени бремените жени, лицата постари од 60 години и хронично болните од астма и со преживеани срцеви и мозочни удари.

    „Во овие мерки спаѓа и забрана за одржување спортски и други манифестации на отворено, како и да се прилагоди времето за работа на работниците кои работат на отворено во период од 11 до 17 часот“, рече владиниот портпарол Миле Бошњаковски, кој кажа дека измените на уредбата се објавени во денешниот службен весник, по одлуката донесена од Владата.

    Тој кажа дека на Град Скопје согласно овие промени треба да донесе одлука за намалување на цените на јавен превоз или за бесплатен јавен превоз, како и да обезбеди доволно автобуси од ЈСП на скопските улици за да може што повеќе граѓани да користат јавен превоз.

    „Во вонредни мерки спаѓаат и зајакнати инспекциски контроли на Државниот инспекторат за животна средина на капацитетите кои подлежат на А интегрирана дозвола, како и зајакнати контроли од општинските инспекции на капацитетите со Б интегрирана дозвола. Со вонредните мерки се опфатени и градежните компании кои треба редовно да ги измиваат градежните возила при излез од градилиштето, а транспортот на градежните возила и машини да се прави во 7.30 часот“, рече Бошњаковски.

    Во време на преземање итни вонредни мерки Државниот инспекторат и Министерството за животна средина треба да дадат препорака до фабриките да го намалат производството за 50 отсто, а Министерството за внатрешни работи да забрани влез на тешки товарни возила во градот чија крајна дестинација не е Скопје, туку да се движат исклучиво по обиколницата.

    „Владата во вакви услови на сите јавни претпријатија и агенции што се во државна надлежност ќе даде препорака да е ограничи употребата на возила за 50 отсто, а тоа ќе се однесува и на самата Влада. Владата ја разгледува можноста како да се направи интервентен увоз на маски и прочистувачи на воздухот, кои ќе бидат наменети за здравствените установи, детските градинки и училиштата“, рече Бошњаковски.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира