НАВРЕМЕНО РЕАГИРАВМЕ ЗА НАБАВКА НА ВАКЦИНИТЕ, СИТЕ ЗЕМЈИ ИМААТ ПРОБЛЕМИ ДА ГИ ДОБИЈАТ, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕ

    НАВРЕМЕНО РЕАГИРАВМЕ ЗА НАБАВКА НА ВАКЦИНИТЕ, СИТЕ ЗЕМЈИ ИМААТ ПРОБЛЕМИ ДА ГИ ДОБИЈАТ, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕПрвите вакцини во земјава ќе стасаат наредниот месец од производителот „Фајзер/Бионтек“.(Фото: СДК.МК)

    Обезбедени се два фрижидери за чување на вакцините против ковид-19 и направен е планот за вакцинација која, како што вели министерот за здравство Венко Филипче, ќе почне во февруари. Министерството за здравство соопшти дека пристигнаа дел од фрижидерите во кои треба да се чуваат вакцините „Фајзер“.  Наредниот месец од „Фајзер“ ќе пристигнат 5.850 дози обезбедени преку директни преговори, а по 17.500 во март и април. Исто така земјава треба да добие вакцини и преку Ковакс системот односно 833.000 дози, а Филипче вели дека првите дози и од нив  ќе стасаат наредниот месец, направена била уплата и обезбедена соодветна гаранција.

    Иако Македонија е меѓу ретките земји во Европа каде вакцинирањето сè уште не е почнато, Филипче смета дека преку сите механизми е реагирано и комуницирано навремено. Од соседните држави кои не се членки на ЕУ, вакцинирање против ковид-19 веќе се одвива во Србија и Албанија.

    „Гледаме дека е тоа едно прашање коешто е на некој начин проблематично за сите земји во Европа. Сите земји и од Европската унија добија значајно помалку од тоа што беше планирано. Тоа е причината зошто оној трет механизам на солидарност на некој начин доцни, затоа што тие не можат да си дозволат да одделат сега во оваа фаза одредена количина. Поради тоа најавија дека тоа ќе се случи во следните месеци после месец март. Колку за илустрација, од најавените 230 илјади дози на почетокот на годината Австрија добила 23 илјади. Што значи, самата компанија ‘Фајзер‘ којашто во овој момент е единствената која има вакцина која е одобрена од двете најголеми регулаторни тела за контрола на лековите, има предизвик да ги зголеми своите капацитети“, вели Филипче.

    Во Министерството за здравство подготвен е планот за вакцинација и целосно се спремни здравствените домови и Центрите за јавно здравје ширум државата за да ги преземат и аплицираат вакцините. Во првата група се здравствените работници кои работат со ковид пациенти, вработените во лабораториите кадешто се прави дијагностика, штитениците на домовите за лица со посебни потреби и најстарите лица од возрасните групи над 70 години коишто имаат коморбидитети. Во втората група се останатите здравствените работници, вработени во критична инфраструктура – наставниците, вработените во градинките, новинарите и секако пациентите од другите возрасни групи коишто имаат хронични болести.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира