НЕМА БРЗА РЕАКЦИЈА ЗА ЗАШТИТА НА ЖРТВИТЕ НА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО, КАЖАА НЕВЛАДИНИТЕ НА СОБРАНИСКАТА РАСПРАВА ЗА РОДОВА ЕДНАКВОСТ

    НЕМА БРЗА РЕАКЦИЈА ЗА ЗАШТИТА НА ЖРТВИТЕ НА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО, КАЖАА НЕВЛАДИНИТЕ НА СОБРАНИСКАТА РАСПРАВА ЗА РОДОВА ЕДНАКВОСТМинистерката Мила Царовска кажа дека уште многу треба да се направи за да дојдеме до родова еднаквост; - Царовска и пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова на денешната расправа во Собранието. (Фото: К. Попов)

    Жртвите на семејно насилство се соочуваат со дискриминација во Центрите за социјална работа, кажа Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет за човекови права на денешната расправа во Собранието за владиниот Годишен извештај за спроведување на стратегијата за родова еднаквост во 2018 година.

    Пировска на комисиската расправа за извештајот кажа дека имаат забелешки и за работењето на полицијата и судовите  во случаите со семејно насилство. Често се случувало по пријави за насилство врз жени да бидат пратени полицајци, а не инспектори за семејно насилство.

    „Потребна е брза реакција од полицијата за да се заштити жртвата. Во Центрите за социјална работа  им велат ‘зошто си му родила две деца ако те тепал’ или ‘зошто дури сега си пријавила дека те тепа‘. Ова се зборови од Центрите кои треба да им дадат поддршка и заштита. Забелешка имаме и за работата на судовите по овие случаи. Привремени мерки за насилниците се носат два месеци по пријавата. Насилниците остануваат дома, а жените се на улица. Брзата реакција на институциите спасува живот, за жал сега тоа не е случај“, кажа Пировска.

    Министерката за труд и социјална помош Мила Царовска кажа дека Министерството во изминатиот период презема низа мерки и програми за родова еднаквост и заштита на жените жртви на семејно насилство.

    „Ова е долг процес, во кој уште многу треба да направиме за да дојдеме до родова еднаквост. Минатата година го донесовме Законот за прекинување на бременоста, ги детектиравме жртвите од трговија со луѓе, преземавме мерки за вработување, двојно повеќе пари односно 6,4 милиони денари издвоивме за заштита на жртви од семејно насилство“, кажа Царовска.

    Според годишниот извештај на Министерството за труд и социјална политика, во 2018 бројот на жртви од семејно насилство е 919. Најбројни се кривичните дела „телесна повреда“ и „загрозување на сигурноста“. При семејно насилство извршени се и 23 дела „тешка телесна повреда“, две дела „убиство во обид“, три дела „против правно лишување од слобода“, две дела „присилба“, седум „убиство“.

    „Во тек е подготовка на нов Закон за социјална заштита со кој ќе се постигне реформирање и унапредување на системот на социјалната заштита. Новиот закон ќе биде усвоен во 2019 година“, велат од Министерството за труд и социјална политика.

    А. АНТЕВСКА

     

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира