Ако лидерот на СДСМ Зоран Заев за 20 дена не направи влада ќе го врати мандатот, и ако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски го побара јас ќе му го дадам без да барам изјави заверени на нотар, кажа претседателот Стево Пендаровски по средбата со Мицкоски во вилата Водно.
Мицкоски денес заедно со дел од пратениците од партиското седиште пешки отиде кај Пендаровски за да го праша зошто му го дал мандатот на Заев кога тој нема обезбедено 61 пратеник и како се уверил дека ќе состави влада. По средбата, Мицкоски кажа дека од денеска ги замрзнуваат односите со претседателот.
Пендаровски по средбата одржа прес-конференција, на која кажа дека никој досега ниту му се јавил нему ниту соопштил во јавноста дека има шанса да обезбеди мнозинство освен Заев.
„Уставот кажува дека во рок од 10 дена од верификација на мандатите претседателот е должен да го даде мандатот. Тој рок истекува утре на полноќ. Што требаше јас да направам, да го земам мандатот и да го чувам во фиока? Немам намера да го носам мандатот дома, да се кријам и да нема институции, така го кршам Уставот. Мицкоски ме праша зошто не сум барал гаранции од Заев дека ќе има 61 пратеник. Досега ниту еден претседател тоа не го барал, освен Ѓорге Иванов во 2016 година и тоа само на Заев откако Груевски го врати мандатот“, рече Пендаровски.
Тој кажа дека граѓаните треба да бидат уверени оти ако Заев не направи Влада во рок од 20 дена, тогаш тој како претседател мандатот ќе го даде на Мицкоски како лидер на втора партија по бројот на пратенички места освоени на изборите.
„Не може Заев со трикови да направи влада, таа се утврдува со гласање во Собранието. Ако не успее Заев и ако по мандатот дојде Мицкоски, нема да му барам 61 потпис заверен на нотар од пратеници, оти тоа е нехумано“, кажа Пендаровски.
Во однос на изјавите во јавноста за распишување на нови парламентарни избори, Пендаровски кажа дека до нив може да се дојде само ако 61 пратеник со Собранието изгласа одлука за негово распуштање. Додека не се распушти Собранието и за тоа да гласа 61 пратеник, избори не може да се одржат и технички премиер цело време ќе биде Оливер Спасовски.
А. АНТЕВСКА