НЕМА ДОГОВОР ЗА ДАТУМ ЗА ИЗБОРИ, МИЦКОСКИ ПРЕДЛОЖИЛ НА КРАЈОТ НА АВГУСТ ИЛИ ПОЧЕТОК НА СЕПТЕМВРИ

    НЕМА ДОГОВОР ЗА ДАТУМ ЗА ИЗБОРИ, МИЦКОСКИ ПРЕДЛОЖИЛ НА КРАЈОТ НА АВГУСТ ИЛИ ПОЧЕТОК НА СЕПТЕМВРИМицкоски предложил изборите да се одржат на 23 август, 30 август или 13 септември. (Фото: Претседател на РСМ)

    Не е договорен датум за одржување на предвремените парламентарни избори, на втората средба на лидерите на парламентарните политички партии и претседателот Стево Пендаровски во вила Водно.

    Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски рече дека предложил три термини како можни за одржување на изборите, водејќи се од тоа дека тогаш здравјето на граѓаните најмалку ќе биде доведено во ризик и опасност.

    „Предложивме изборите да се одржат на 23 август, 30 август или 13 септември. Со оглед на тоа дека денеска гледаме дека имаме 25 новозаболени и тројца починати, сметаме дека не е можно одржување на брзи избори. Што ако некој од нас се заболи во изборната кампања, како ќе се одржуваат изборите?“, рече Мицкоски.

    Тој кажа дека не бил задоволен од извештајот на Комисијата за заразни болести во однос на протоколите за одржување на изборите, бидејќи содржел информации кои сите граѓани веќе ги знаат.

    „Извештајот ме разочара, знам дека треба да ги мијам рацете, да одржувам дистанца и дека треба да носам маска. Очекував дека ќе бидат поконкретни оти сето она што ни го приложија веќе го имаме чуено“, рече Мицкоски.

    Мицкоски кажа дека ако има избори во јуни, тогаш Владата нема да може да го реализира третиот пакет економски мерки, бидејќи во предизборието не смеат да се делат парични средства оти тоа се смета за поткуп и кривично се одговара.

    Лидерот на ДУИ Али Ахмети кажа дека треба да се има консензус за датум за одржување на изборите, но најважно треба да е здравјето на граѓаните.

    Движењето Беса, како што кажа лидерот Билал Касами, предложиле изборите да се одржат во јули и побарале да се укине полицискиот час.

    Предвремените парламентарни избори требаше да се одржат на 12 април.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира