Нема да се воведат дополнителни рестриктивни мерки во Прилеп, кажа министерот за здравство Венко Филипче по денешната средба со градоначалникот Илија Јованоски. Јованоски, кој и самиот работи во Ковид -центарот во Прилепската болница, вчера побара Владата да донесе нови рестриктивни мерки за градот, поради големиот број новозаразени и хоспитализирани пациенти.
Но, министерот Филипче смета дека нема потреба од нови мерки во Прилеп како и во целата земја, бидејќи вака како што се димензионирани мерките даваат резултат.
„Со затворени угостителски објекти после 21 часот, забрана на групирање во текот на 24 часа постепено се олабавува ситуацијата, па затоа заеднички заклучивме дека нема потреба за дополнителна рестрикција, бидејќи не би имала некаков позначаен ефект од тоа што го даваат мерките кои се сега на сила. Во сите земји во Европа ваква комбинација на мерки даде резултат, а тоа е задолжителното носење на маски, забраната за групирање, елеминирањето на можноста да се групираат во угостителски објекти подолг временски период“, рече Филипче.
Министерот Филипче рече дека болницата во Прилеп е организирана, пациентите се сместени на 5 одделенија, мобилизирани се сите лекари, медицински сестри помошно-технички персонал.
По барање на градоначалникот Јованоски, матичните лекари од градот ќе почнат да волонтираат во болницата за да го покријат отсуството на нивните колеги лекари кои се ковид позитивни и мора да бидат во излоација.
Министерот Филипче најави дека наскоро во Прилеп ќе започне тестирање со брзи ковид тестови на пациенти, за да се одреди патеката за нивно хоспитализирање, терк кој што веќе се применува во други болници низ државата.
А. АНТЕВСКА