Храна во маркетите ќе има, нема потреба граѓаните да прават залихи, апелираат од Општина Дебар откако денеска Владата за да се забави ширење на коронавирусот, по појава на 4 нови случаи, прогласи кризна состојба во Дебар и Центар Жупа. Со воведувањето на кризната состојба забранет е влез и излез од овие две општини.
„Ги повикуваме граѓаните да бидат солидарни, да останат во своите домови и да ги почитуваат препораките додека не се стабилизира состојбата. Снабдувањето на маркетите со намирници нема да запре, ќе тече нормално, и нема потреба граѓаните да чуваат резерви на храна дома“, велат од Општина Дебар.
Од Општината велат дека Оперативниот општински штаб од вчера врши дезинфекција на градот со помош на волонтери и нивна механизација. Се дезифицираат улиците, парковите, јавните установи, се чисти ѓубрето и дивите депонии.
„Оперативниот штаб одлучи во рамките на законската обврска да ги извести сите деловни субјекти, јавни и приватни претпријатија, за нивната обврска да го активираат оперативниот план за управување со кризи, предвиден со Законот за заштита и спасување и да ги преземат потребните мерки“, велат од Општина Дебар.
А. АНТЕВСКА