НЕМА ПРОБУВАЊЕ ОБЛЕКА ВО ТРГОВСКИТЕ ЦЕНТРИ, НА РАЗГЛАС ЌЕ СЕ ЧИТААТ ПОРАКИ ЗА ДРЖЕЊЕ РАСТОЈАНИЕ И НОСЕЊЕ МАСКА

    НЕМА ПРОБУВАЊЕ ОБЛЕКА ВО ТРГОВСКИТЕ ЦЕНТРИ, НА РАЗГЛАС ЌЕ СЕ ЧИТААТ ПОРАКИ ЗА ДРЖЕЊЕ РАСТОЈАНИЕ  И НОСЕЊЕ МАСКАСпоред протоколот за заштита од коронавирусот, трговските центри ќе работат со скратено работно време од 10 до 18 часот, а во недела ќе бидат затворени. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Во трговски центри нема да смее да се пробува облека, се предвидува со протоколот за отворање и работа на затворените трговски центри, откако вчера Владата донесе одлука за олабавување на рестриктивните мерки за заштита од КОВИД-19.

    Според протоколот, трговските центри ќе работат со скратено работно време од 10 до 18 часот, а во недела ќе бидат затворени. Задолжително ќе биде држење растојание од 2 метра и носење заштитна маска, а нема да биде дозволено групирање на луѓе во ходниците, така што ќе се дозволи по едно лице на 5 метри квадратни.

    „Да се постават на јасно видливи места едукативно-информативни материјали за почитување на заштитните превентивни мерки. Дополнително, преку разглас на секои 30 минути да се информираат купувачите за почитување на превентивните мерки“, се вели во протоколот за работа на трговските центри.

    Лицата до 65 години ќе можат да пазаруваат до 12 часот, вработените во дуќаните покрај маски треба да носат и ракавици. Во продавниците еден купувач може да има на 10 метри квадратни простор.

    Во спортските обложувалници на масите треба да има само две столчиња, да не се послужуваат пијалоци и редовно да се дезинфицираат просториите.

    На курсевите и семинарите може да присуствуваат најмногу 30 лица и да се обезбеди задолжително растојание за секој учесник од 1,5 метар.

    Трговските центри, обложувалниицте, авто-школите и центрите за семинари и обуки се први кои се опфатени со одлуката на Владата за разлабавување на мерките кои беа донесени во март за да се спречи понатамошно ширење на коронавирусот. Како што најави министерот Венко Филипче, наредната недела ќе бидат отворени кафулињата и рестораните. И за нив ќе се донесе протокол според кој ќе треба да работат.

    Во земјава до денес има вкупно 1.694 ковид дијагностицирани, од кои оздравени се 1.229, починати се 95, а активни се 370.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира