Претседателот на СДСМ Зоран Заев кажа дека нема повеќе одложување на парламентарните избори и тие ќе се одржат на 5 јули. На прес-конференцијата во партиското седиште кажа дека не е здраво за демократијата со месеци земјава да нема Собрание, и Владата да биде и Влада и Собрание. Затоа штом заврши вонредната состојба која беше прогласена од претседателот Стево Пендаровски во саботата, ќе почнат да течат роковите за одржување на изборите.
„Токму заради заштита на здравјето на граѓаните, изборите се решение, а датумот е завршена работа и тие ќе се одржат на 5 јули за да добиеме функционална Влада и Собрание. Доста е веќе од проблемите и препреките кои ВМРО-ДПМНЕ и министерот Наќе Чулев ги создаваат. Чулев со своето непостапување дозволи вирусот да се прошири, за што овие денови имаме зголемени бројки на заразени“, кажа Заев на прес-конференцијата за 3 години откако СДСМ е на власт.
Заев одговарајќи на новинарско прашање кажа дека пред прогласување на вонредната состојба има контакти со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, но иако биле близу, не успеале да се договорат за датум за одржување на изборите.
„Испраќаме порака дека направивме последна отстапка, но веќе нема. Имаат сите партии 35 дена, доволен период да се подготват. Ние ќе живееме со коронавирусот. Гледате дека сега случаите се асимптоматски, значи вирусот слабее“, рече Заев.
А. АНТЕВСКА