Претседателот на Собранието Талат Џафери вчера и денеска учествува на Првиот парламентарен самит на Меѓународната платформа за Крим што се одржува во Загреб, на кој доаѓа и Претседателката на Претставничкиот дом на САД Ненси Пелоси.
Самитот е во организација на Хрватскиот сабор и Врховната Рада на Украина. Учеството на Пелоси, Загреб го толкува како потврда на ускладеноста на политиката на Америка и Хрватска.
На Самитот, на кој ќе биде инаугурирана парламентарната димензија на Кримската платформа се очекува учество на повеќе од 50 парламентарни делегации од земјите учеснички и меѓународните организации кои ја поддржуваат Платформата. На крајот на Самитот се очекува учесниците да усвојат Заедничка декларација.
Меѓународната платформа за Крим е формат за консултација и координација на земјите и меѓународните организации кои го поддржуваат територијалниот суверенитет и интегритет на Украина. Има за цел да ја зголеми ефективноста на меѓународниот одговор за тековната окупација на Крим, да одговори на растечките безбедносни закани, да спречи понатамошно кршење на човековите права и да ја постигне главната цел – деокупација на Крим и негово мирно враќање во Украина.
С. К. ДЕЛЕВСКА