НИЧИЕ ЛИЧНО ПРАВО НЕ Е НАД ПРАВОТО НА КОЛЕКТИВНА ЗАШТИТА НА ЈАВНОТО ЗДРАВЈЕ, НЕМА ПОДЕЛБА НА НАРОДОТ СО НОВИТЕ КОВИД МЕРКИ, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕ

    НИЧИЕ ЛИЧНО ПРАВО НЕ Е НАД ПРАВОТО НА КОЛЕКТИВНА ЗАШТИТА НА ЈАВНОТО ЗДРАВЈЕ, НЕМА ПОДЕЛБА НА НАРОДОТ СО НОВИТЕ КОВИД МЕРКИ, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕДосега со две дози се вакцинирани се 425.356 граѓани. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Новите владини мерки против ковид-19 со кои од 16 август на настани во затворено ќе може да влегуваат само вакцинирани лица, а рестораните и кафулињата ќе смеат да работат само на летните тераси се заради заштита на јавното здравје и колективната заштита кои се приоритет, вели министерот за здравство д-р Венко Филипче. Тој потсети дека ничие лично право не е над правото на колективна заштита на јавното здравје.

    „Тие не го ‘делат народот’, како што изненадувачки изјави лидерот на опозицијата, туку се нужни за заштита на граѓаните, здравствените работници и самиот здравствен систем. Овие мерки се применуваат во многу држави и веќе даваат резултат. Забраната за движење во шуми не го дели народот на планинари и оние кои не планинарат, тоа е заштита од пожари. Условот за запишување во училишта на децата со примена вакцина не е поделба на децата, туку нивна заштита од болести и епидемии. Ничие лично право не е над правото на колективна заштита на здравјето на граѓаните. Барам максимална одговорност од сите, Делта сојот брзо се шири. Податоците и трендовите кои ги имаме се многу сериозни. Апелирам на доследно почитување на постоечките мерки за заштита и масовна вакцинација“, е ставот на министерот Филипче што го соопшти неговиот кабинет.

    Министерот му одговори на лидерот на опозиционата ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој денеска рече дека апсолутно ги отфрла овие мерки кои што се „таканаречени квазимерки кои што, не само што немаат цел да го заштитат здравјето на граѓаните, туку дополнително да воведат поделба меѓу македонските граѓани“.

    Во земјава во моментов се активни се 1.994 ковид болни, а денеска има 4 починати, меѓу кои и 29-годишна трудница од Куманово. Во болниците се 150 болни, во четвртиот бран најмногу има во Скопје и Тетово, а делта сојот масовно се шири меѓу невакцинираните.

    Бројот на новозаразени рапидно расте, пред само една недела беше 1,5 отсто од бројот на тестирани, а денеска е 6,2 отсто, односно од 81 позитивен минатата сабота на 398 во последниве 24 часа.

    Според вчерашните податоци од Министерството за здравство, досега вкупно се аплицирани 958.742 дози вакцини, а ревакцинирани се 425.356 граѓани. Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата, а во тек е и теренска вакцинација. Досега, барем една доза вакцина имаат примено 65% од населението над 70 години, 62% од населението над 65 години, 58% од населението над 60 години и 48% од населението над 50 години.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира