НИКОЈ НЕ МОЖЕ ДА ВИ НАМЕТНЕ НА КОЈ ЈАЗИК ДА ЗБОРУВАТЕ, РЕЧЕ БОРИСОВ НА СРЕДБАТА СО БУЧКОВСКИ

    НИКОЈ НЕ МОЖЕ ДА ВИ НАМЕТНЕ НА КОЈ ЈАЗИК ДА ЗБОРУВАТЕ, РЕЧЕ БОРИСОВ НА СРЕДБАТА СО БУЧКОВСКИБорисов на средбата со Бучковски рече дека Северна Македонија е суверена држава и сама може да решава на каков јазик сака да зборува. (Фото: Фејсбук)

    Северна Македонија е суверена држава и сама решава на кој јазик сака да зборува, му кажа бугарскиот премиер Бојко Борисов на специјалниот претставник за Бугарија Владо Бучковски утрово во Софија. Видео од средбата меѓу Борисов и Бучковски е објавено на неговата Фејсбук страна.

    Борисов рече дека неговата земја прави сè земјите од Западен Балкан да станат членки на Европската Унија и многу е направени во тој правец.

    „Нешто се случи пред 6 месеци, можеби изборите кај вас, нашите внатрешни проблеми,тука е ковидот кој го промени цел свет. Северна Македонија е суверена држава и сама може да решава на каков јазик сака да зборува. Ние во Бугарија сме решиле да зборуваме бугарски јазик и така зборуваме. Во Северна Македонија може да решите како сакате да зборувате и никој не може да ви наложи и да ви наметне на кој јазик да зборувате. Никој не го барал тоа од вас, особено јас“, рече Борисов.

    Борисов кажа дека бил изненаден од изјавата на неговиот пријател Зоран Заев кој го обвинил дека работел на подигнување на личниот рејтинг и дека Бугарија не го почитувала Договорот за пријателство.

    „Две теми ги уплашија нашите граѓани, а тоа е суверенитетот на Бугарија и малцинството. Овие прашања да ги пренесеш на премиерот Заев и претседателот Пендаровски. Оставете ги историчарите нека работат, имаме неколку години да најдат решенија. Следните поколенија нема да ни простат ако сега не им дадеме перспектива“, му рече Борисов на Бучковски.

    Бучковски рече дека Владата има искрени намени за наоѓање решенија со Бугарија и смета дека е време од зборови да се премине на дела.

    „Нашето уставно име Република Северна Македонија не значи дека имаме територијални претензии и немешањето во вашите внатрешни работи е дел од Договорот за пријателство и ние тоа ќе го почитуваме. Да ги оставиме историчарите да ја работат нивната работа“, рече Бучковски.

    Бучковски вчера во Софија имаше средба со министерката за надворешни работи Екатерина Захариева, а ќе има средби и со претседателот Румен Радев и вицепремиерот Красимир Каракачанов.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира