НИНЏА ЌЕ ДАВА ОДБРАНА УТРЕ, ЗА СВЕДОК ГО ПРЕДЛОЖИ БРАТ МУ КОЈ НА 27 АПРИЛ БЕШЕ СО ГРУЕВСКИ ВО ВИЕНА

    НИНЏА ЌЕ ДАВА ОДБРАНА УТРЕ, ЗА СВЕДОК ГО ПРЕДЛОЖИ БРАТ МУ КОЈ НА 27 АПРИЛ БЕШЕ СО ГРУЕВСКИ ВО ВИЕНАБраќата Стефан и Михаил Младеновски во своја одбрана го посочија Александар Василевски-Нинџа дека по негов повик тие заедно со уште 10-тина обвинети вечерта на 27 април со маски влегле во Собранието. (Фото: К.Попов)

    Обвинетиот Александар Василевски-Нинџа ќе биде последен од обвинетите за организираниот напад на Собранието на 27 април лани, кој в четврток ќе дава своја одбрана. Со тоа кон крај се сведува судскиот процес, во кој за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста се обвинети 33 лица.

    Судијката Добрила Кацарска на вчерашното рочиштето им најави на адвокатите дека после сведочењето на Василевски ќе им даде можност на обвинетите за дополнителни докази и од понеделник да се подготвуваат за завршни зборови.

    Александар Василевски-Нинџа денеска на Кацарска  ѝ рече дека ќе дава своја одбрана откако претходно обвинетите Вилијам Михајловски, Никола Митревски-Кољо и Митре Питроповски се откажаа од тоа право. Неговиот адвокат како сведоци кои ќе дадат исказ во корист на Нинџа ги наведе Благоја Василевски и Дејан Димовски-Боксер.

    Благоја Василевски е брат на Нинџа и долгогодишен телохранител на избеганиот осуден експремиер Никола Груевски кој доби азил во Унгарија. Според обвинителниот акт Благоја, кој на 27 април со Груевски бил во Виена, во 14.30 часот му се јавил на Нинџа, по што почнала акцијата за напад на Собранието. Дејан Димовски-Боксер, вработен во УБК, е лицето кое во своето сведочење на 3 декември обвинетиот Стефан Младеновски го посочи дека по нападот на Собранието дошол во паркот Жена-борец и им рекол да не се секираат, камерите во Собранието не работат оти ги искршил.

    Браќата Стефан и Михаил Младеновски во своја одбрана исто така кажаа дека токму по повик на Александар Василевски-Нинџа тие заедно со уште 10-тина обвинети вечерта на 27 април со маски влегле во Собранието. Токму Нинџа им ги давал насоките и за протестите пред ДИК, по завршување на изборите во декември 2016 година, кои тој ги добивал од поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски, а според кои требало да се фрлаат молотови коктели во зградата.

    „На 27 април околу 13 часот, на мојот брат му се јави Кољо и нè викна да одиме во ‘Дион’ на ручек. Стигнавме околку 14 часот, беше присутен Нинџа со неговата екипа од 15-20 луѓе. Кога стигнавме таму, Нинџа нè извести дека денес е денот. Кратко потоа, во 17.30 часот, Нинџа седеше на масата позади мене. Го слушнав како му рече на Кољо – ‘мислам дека треба да ставиме маски, подрско ќе изгледа’. Извади пари од џебот, му даде пари на Кољо по што се упативме до продавницата ‘Камуфлаж’. Кољо влезе сам и излезе со кеса со маски. Околу 15.30 часот пристигна уште една група од Ѓорче. Од Нинџа разбрав дека биле поранешни членови на СДСМ и дека им рекол доколку не сакаат проблеми треба да се докажат. Од задниот џеб извади пари и ми рече да докупиме уште 30 маски.  Отидовме, купивме уште 30 маски, по што се вративме во ‘Дион’. Сега е денот да се покаже дали се само набилдани кретени, без муда, рече Нинџа“, сведочеше на 3 декември Стефан Младеновски.

    Брат му Михаил Младеновски во сведочењето истиот ден кажа: „Кољо и Нинџа имаа пиштоли и значки од УБК. Нинџа имаше 2 блиндирани возила. Блиндиран џип со петти и мерцедес блиндиран со седми степен безбедност. Нинџа имаше и радиостаница, ги слушаше командите на полицијата на ниво на СВР Скопје. Пред 27 април се вршеа насилства врз ‘државни непријатели’, јавни лица и новинари, по проценка и под полна заштита на директорот на УБК Владимир Атанасовски. Операциите ги изведуваше и Нинџа. Имаше насоки да се дигнат во воздух колите на Петре Шилегов и на Љубомир Фрчкоски, но до тоа не дојде“.

    Ноќеска беше притворен Атанасовски откако завчера обвинетите браќа Стефан и Михаил Младеновски, како и обвинетиот Захарие Симовски го посочија тогашниот директор на УБК како еден од организаторите на нападот на Собранието на 27 април лани. Притворот е досуден на барање на Обвинителството за организиран криминал, кое покрена предистражна постапка за кривично дело Здружување заради непријателска дејност.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира