ОТКАКО ДУИ Е НА ВЛАСТ, ОБВИНИТЕЛ НЕМА ВЛЕЗЕНО КАЈ НИВНИ МИНИСТЕР И ДИРЕКТОР, СЕ ПРОБЛЕМАТИЗИРА ПОДДРШКАТА ЗА СЈО

    ОТКАКО ДУИ Е НА ВЛАСТ, ОБВИНИТЕЛ НЕМА ВЛЕЗЕНО КАЈ НИВНИ МИНИСТЕР И ДИРЕКТОР, СЕ ПРОБЛЕМАТИЗИРА ПОДДРШКАТА ЗА СЈОСпецијалниот јавен обвинител според новиот закон ќе одговара пред Републичкиот јавен обвинител, а тој ќе се грижи идното СЈО намерно да не кочи и чува во фиока одредени истраги, без да ја загрози неговата автономија. - Претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски, кој донесе мислење да се запрат сите истраги на СЈО, Републичкиот обвинител Љубомир Јовески, кој побара автентично толкување од Собранието за таа одлука, и специјалната обвинителка Јанева на вчерашното потпишување на меморандум во Владата (Фото: СДК.МК)

    Поддршката од ДУИ за СЈО да може во иднина да влегува и да врши истраги за висок криминал и кај нивни министри и директори, се проблематизира. Само неколку дена по веста дека Законот за Јавно обвинителство со кое СЈО станува негов дел помина од Владата со најава дека итно ќе биде пуштен во Парламентот, мнозинската владејачка партија СДСМ кажа дека всушност, нема двотретинско мнозинство овој закон да се изгласа.

    Премиерот Зоран Заев вчера рече дека наскоро ќе има лидерска средба на која ќе се расправа за СЈО, од чие натамошно функционирање ќе зависи позитивната препорака од Европската комисија, но и што е пострашно во моментов, ратификацијата на нашето членство во НАТО од страна на парламентите на земји-членки на Алијансата. Исто така вчера, министерката за правда Рената Дескоска кажа дека сè уште го немаат потврдено двотретинското мнозинство во Собранието за законот.

    Главниот проблем, велат извори од обвинителството, е што во архивите не постои податок дека обвинител влегол да истражува кај министер, директор, функционер на ДУИ за 15-годишното владеење на оваа партија. Со автономијата што му се дава на СЈО сега со предложениот Закон за Јавно обвинителство, без бомби (прислушувани разговори), идното специјално обвинителство ќе може по сомневања за сторен криминал и злоупотреби, за првпат да истражува и кај поранешни и сегашни функционери на партијата на Али Ахмети. Ќе може дури и кај судии и јавни обвинители избрани во време на 15-годишното нивно владеење да истражува евентуални сомневања за криминал и корупција. Тоа, според најновите надлежности, ова специјално обвинителство ќе може да го прави кај функционерите од сите партии, почнувајќи од владејачкиот СДСМ, што досега и да не било случај.

    ДУИ е на власт 15 години, со мал прекин од година и пол (од 2006 до 2008 година), кога ВМРО-ДПМНЕ коалицираше со ДПА. Претходно владееше со СДСМ.

    Другиот исто толку тежок проблем, велат нашите извори, е инсистирањето на ДУИ СЈО да се застапува само пред Основниот суд Скопје 1, на најниско ниво. Потоа по жалба пред Апелација нивните предмети да ги земе Вишото јавно обвинителство и тука СЈО да ја изгуби контролата и владеењето со своите предмети. Вишиот обвинител пред Апелациониот суд ќе може во таков случај и да се откажува од кривично гонење, бидејќи тој, а не СЈО ќе стане господар на предметите на СЈО.

    Тоа новиот закон не го дозволува и вели дека СЈО ќе си ги застапува своите случаи и пред Апелациониот суд Скопје. Дури пред Врховниот суд нивните предмети ќе ги презема редовното обвинителство, но Републичкиот јавен обвинител, а не вишите јавни обвинители.

    Партиски извори велат дека двоумењето на ДУИ околу овој закон, формално било дека во двотретинското мнозинство треба да учествува и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. ДУИ го застапувала ставот дека само со мнозинството пратеници со кое беа изгласани уставните измени и беше сменето името Република Македонија во Република Северна Македонија, а во кое не учествуваа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, несериозно би било носењето на овој системски закон.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари