СО ПЕНКАЛО СРУШИВМЕ РЕЖИМ, СО ПЕНКАЛО СТАНАВМЕ ЧЛЕНКА НА НАТО, РЕЧЕ ЗАЕВ ВО БРИСЕЛ

    СО ПЕНКАЛО СРУШИВМЕ РЕЖИМ, СО ПЕНКАЛО СТАНАВМЕ ЧЛЕНКА НА НАТО, РЕЧЕ ЗАЕВ ВО БРИСЕЛГенералниот секретар Јенс Столтенберг заедно со поканата за членство во НАТО која му ја врачи на премиерот Зоран Заев, симболично му го подари и пенкалото со кое ја потпиша. Откако се фотографираа со поканата, Заев го бакна пенкалото (Фото: Влада на РМ)

    Срушивме режим со пенкало, денес пенкалото го употребивме за да станеме членка на НАТО, рече денеска премиерот Зоран Заев на прес-конференцијата во Брисел, откако генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг му ја врачи поканата за членство во НАТО.

    „Ви реков дека ќе падне режим, падна ражим. Ви реков дека ќе станеме 30-та членка на НАТО, станавме. Пенкалото нè движи цело време нас. Режим срушивме со пенкало, еве денес го употребивме за покана во НАТО, а добивме и кандидатски статус за членство во Европската унија“, рече Заев.

    Премиерот на прес-конференцијата на која присуствуваше и владината делагација која е во Брисел, рече дека е сигурен оти граѓаните на претстојниот референум ќе го поддржат договорот за промена на името склучен со Грција.

    „Убеден сум дека огромно мнозинство граѓани ќе излезат на рефендумот, ќе се исполни потребниот сензус, а верувам до небото дека нашите граѓани ќе донесат вистинска одлука која ќе им донесе иднина како што заслужуваат. Овој договор верувам дека ќе донесе просперитет за двете земји, само неколку месеци се потреби да се покажат бенефитите“, додаде Заев.

    Генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг му ја врачи поканата за членство на Македонија во НАТО на премиерот Зоран Заев (Фото: МИА)

    Заслугата за поканата во НАТО Заев им ја припиша и на сите политички партии и претходни влади на Република Македонија и рече дека договорот со Грција многу бргу ќе покаже конкретни резултати за граѓаните од двете страни на границата.

    „За неколку месеци веќе граѓаните ќе почувствуват дека договорот носи само добро и уверен сум дека ќе расте бројот на пратеници кои ќе го поддржат договорот“, одговори Заев на прашање дали стравува од тоа Атина да не го исполни својот дел од обврската доколку биде успешен референдумот во Македонија.

    Одговарајќи на новинарско прашање, Заев кажа дека не добил честитка од претседателот Ѓорге Иванов за добиената покана за членство во НАТО.

    „За жал, не добивме порака од претседателот,  ја пропушти можноста да се одважи и да продолжи во давањето шанса на граѓаните“, рече Заев.

    Прашан за можна руска вмешаност во референдумската кампања, Заев рече дека огромното мнозинство граѓани се изјаснија за членството во НАТО и во ЕУ и побара да нема непринципиелно мешање во кампањата наредниве месеци.

    „Секако сме поучени од соседите од минатото“, рече Заев алудирајќи на рускиот пуч во Црна Гора пред влезот во НАТО. „Ние ќе обезбедиме сѐ што е во наша моќ граѓаните слободно да излезат и да дадат глас за македонската иднина“, кажа премиерот.

    НАТО пред неколку дена соопшти дека е подготвен да помогне ако Владата тоа го побара, да даде логистичка помош на земјава за да спречи лажни вести и дезинформации во текот на кампањата. Премиерот не прецизираше дали Македонија побарала помош и дали има конкретен план за справување со евентуална руска кампања на дезинформации во земјата во пресрет на референдумот.

    Прашан за изброот на Државната изборна комисија (ДИК), Заев кажа дека Македонија има традиција на решавање на прашањата заедно опозицијата.

    „Постојат законски решенија, Македонија има традиција власта и опозицијата заедно да решаваат прашања, во новата ДИК претседателот ќе биде од најголамата опозициска партија, дополнително друга опозициска партија дава уште еден член, опозицијата е застапена со претседател и два члена, а Владата со три члена и еден за коалициониот партнер, значи четири члена, владата има мнозинство, а опозицијата има претседател“, рече Заев.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира