Стотина ученици попладнево излегоа на протест пред Министерството за образование и наука и зградата на Владата, против одлуката учебната година да се одвива онлајн заради заштита од коронавирусот. За учениците оваа владина одлука е скандалозна, неприфатлива и неефикасна и побараа веднаш да се смени и да се донесе одлука за комбинирана настава во спротивно ќе бојкотираат и протестираат.
„Владата смета дека е опасно да се отворат училиштата во време на пандемија, но за нив воопшто не е проблем што плажите се преполни, што кафулињата и рестораните се полни и не се почитува препорачаното растојание. Полни се и трговските центри, полни беа и плоштадите за време на изборната кампања“, кажа Бленди Ходаи, претседателот на Средношколскиот сојуз.
Средношколците побараа Владата да работи на план за повторно отворање на училиштета, за да се избегне создавање неподготвени генерации и кадри. Според нив, треба да се одржува комбинирана настава врз основа на епидемиолошката слика на градовите и општините.
Според одлуката на Владата од 26 август, учебната година ќе почне на 1 октомври. Настава со физичко присуство ќе има само за учениците од прво до трето одделение, а другите ќе имаат онлајн настава од дома. За исклучоците од четврто основно до четврта средно кои би оделе во школо, Владата одлучи да формира работна група со претставници од Министерствата за здравство и за образование и од Канцеларијата на премиерот, која ќе ја следи состојбата и ќе дава мислење за подготвеноста на основните и средните училишта за спроведување на наставата во услови на ковид-19 по поднесени барања од основачот на училиштето за организирање настава со физичко присуство.
„Ако епидемиолошката состојба остане стабилна, ќе дозволиме постепено враќање со физичко присуство и на други одделенија. Целта е децата да имаат комбинирана настава, но сето тоа постепено да се воведува“, кажа тогаш министерот за здравство Венко Филипче.
А. АНТЕВСКА