Полицијата пробала да ги спречи верниците да не се приклучуваат на литијата во Струга, но, тие жестоко реагирале, па за да не ескалира ситуацијата не било дополнително реагирано, стои во соопштението на Министерството за внатрешни работи за вчерашниот масовен верски собир во Струга.
Од МВР велат дека тие ги презеле сите потребни мерки и дека три дена пред одржување на литијата имале средба со свештените лица од црквата „Свети Ѓорѓија“. На средбата им било кажано дека е потребно доследно и дисциплинирано придржување до сетот мерки и препораки на здравствените органи и Владата за заштита од коронавирусот.
„Старешината на црквата кажа дека во согласност со превентивните мерки, литијата ќе биде составена само од дел од локалното свештенство и монаштво, без присуство на луѓе во текот на движењето. Со цел непречено и безбедно одвивање на предвидениот верски настан, ОВР Струга изготви оперативен план и во согласност со истиот, на 07.05. 2020 година, изврши физичко покривање на поширокиот дел од црквата ‘Свети Ѓорѓи’, во чиј двор беше забележана помала група верници кои имаа заштитни маски и беа на соодветно меѓусебно растојание“, велат од МВР.
Од таму објаснуваат дека проблемот со масовно групирање настанал кога литијата почнала да се движи низ кејот и улиците на Струга. Тогаш, верници почнале да се приклучуваат во поворката на свештените лица кои ги носеа моштите и иконата на Свети Георгиј.
„Имаше обид на полициските службеници да се спречи нивно ефективно вклучување во поворката, при што наидоа на вербална реакција и негодување од граѓаните. Таа појава не беше возможно целосно да се спречи со поригорозна полициска интервенција поради можноста од пожестока реакција на верниците и ескалација на ситуацијата“, велат од МВР.
Од таму објаснуваат дека годинава за разлика од минатите години кога се одржувала литијата и кога учествувале над 10.000 верници, полицијата регистрирала присуство само на 300 лица.
Откако Обвинителството отвори предмет за овој масовен верски собир, ОВР Струга ќе има средба со надлежните во црквата „Свети Ѓорѓија“, за да се идентификуваат евентуални организатори на непредвиденото и ненајавеното приклучување на групите верници по што ќе бидат поднесени соодветни пријави.
А. АНТЕВСКА