ПОЖАРИТЕ СЕ ПРЕДИЗВИКАНИ ОД ПОЛИТИЧКИ ПРИЧИНИ, СО ТОА СЕ ПРАВИ ТЕРОРИЗАМ НА ДРЖАВАТА, РЕЧЕ МИНИСТЕРОТ СПАСОВСКИ

    ПОЖАРИТЕ СЕ ПРЕДИЗВИКАНИ ОД ПОЛИТИЧКИ ПРИЧИНИ, СО ТОА СЕ ПРАВИ ТЕРОРИЗАМ НА ДРЖАВАТА, РЕЧЕ МИНИСТЕРОТ СПАСОВСКИМинистерот Спасовски кажа дека дел од уапсените 9 лица, кои биле затекнати како подметнуваат пожар, во своите изјави кажале дека се припадници на политички партија или дека палеле поради бизнис интереси на одреди поединци од кои добиле задача.(Фото: Ѓ. Личовски)

    Имаме сериозни индиции дека пожарите се подметнуваат од политички причини, а тоа е сериозен тероризам што ѝ се прави на државата, рече денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски одговарајќи на прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК дали масовните пожари во земјава изминатиов месец се последица на организирано палење односно за субверзивна или терористичка акција. Спасовски кажа дека Министерството за внатрешни работи (МВР) интензивно работи и секојдневно е на терен, а досегашните истраги покажале сериозни индиции дека пожарите се подметнуваат поради политички и бизнис интереси.

    Дел од уапсените 9 лица кои биле затекнати како подметнуваат пожар, во своите изјави кажале дека се припадници на политичка партија или дека палеле поради бизнис интереси на одреди поединци од кои добиле задача, вели Спасовски.

    „Вчера пожар имаше кај салата ‘Борис Трајковски‘ и имаме сериозни индиции дека ова го прават дури и од политички причини. Доколку ова што ни се случува е од политички причини, а имаме сериозни индиции тоа да го потврдиме во наредниот период, тогаш  станува збор за сериозен тероризам кој што ѝ се прави на државата. Упатувам порака до оние кои посегнуваат тоа да го прават, дали од бизнис или политички интереси, да размислат добро. Не вреди за некоја ситна пара или политичка наредба утре да се најдат во ситуација на сериозна одговорност, а кога ќе се најдат пред лицето на правдата, сите ќе дигнат раце од нив. Нарачателите политичари нанесуваат штета на државата за ситни политички поени“, одговори Спасовски на прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК на изложбата на олтајмери пред Француската амбасада.

    Спасовски кажа дека не може да разбере како е одредена само мерка домашен притвор за лице кое е фатено како предизвикува пожар, посочувајќи го последниот случај со потпалувањето на шума во Крушевско. Министерот смета дека треба да се направат измени во законодавството во делот на казните и забрана за продажба на дрвја од опожарени подрачја.

    Од Основното јавно обвинителство денеска за САКАМДАКАЖАМ.МК изјвија дека ги истражуваат причините за масовните пожари во земјава изминатиов месец, но немаат сознанија оти станува збор за организирано палење односно за субверзивна или терористичка акција.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира