РЕШЕНИЕТО Е ВОНРЕДНА СОСТОЈБА ОД ИВАНОВ, ЗБОРЕЛ ПРАТЕНИКОТ АРНАУДОВ, СВЕДОЧЕШЕ НАПАЃАЧОТ НА СЕЛА НА СУДЕЊЕТО ЗА НАПАДОТ НА СОБРАНИЕТО

    РЕШЕНИЕТО Е ВОНРЕДНА СОСТОЈБА ОД ИВАНОВ, ЗБОРЕЛ ПРАТЕНИКОТ АРНАУДОВ, СВЕДОЧЕШЕ НАПАЃАЧОТ НА СЕЛА НА СУДЕЊЕТО ЗА НАПАДОТ НА СОБРАНИЕТОПратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Љубен Арнаудов на судењето за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 каде е меѓу 33-та обвинети за терористичко загрозување на Уставниот поредок и безбедноста (Фото: К. Попов)

    Никола Војминовски, осуден на 13 и пол години затвор за обид за убиство на Зијадин Села при организираниот напад на Собранието на 27 април лани, на денешното рочиште сведочеше дека лично во разговор меѓу ексминистерот за внатрешни работи Оливер Андонов и обвинетиот пратеник од ВМРО-ДПМНЕ Љубен Арнаудов, слушнал како рекле оти единствениот начин за да се стави крај на новото парламентарно мнозинство на СДСМ И ДУИ е отворање на вратите на Собранието, влегување на толпата и прогласување вонредна состојба од претседателот Ѓорге Иванов.

    „Јас неколку пати на протестите одев со Оливер Андонов. Ден пред влегувањето во Собранието, кај ‘Аверс’ пред Собранието наидовме на пратеникот Љубен Арнаудов. Со Оливер збореа дека единствен излез од ситуацијата е да се отворат вратите на Собранието, да влезе народот и да биде направено она што беше направено, а претседателот Ѓорге Иванов да прогласи вонредна состојба. Така и се случи, освен вонредната состојба“, рече Војминовски.

    Дента на 27 април 2017, Војминовски тврди дека по протестите пред Собрание си тргнал кон автомобилот, кога на мобилниот му заѕвонил Арнаудов:„Каде сте што правите? Ајде влегувајте!“, му рекол пратеникот.

    Војминовски вели продолжил кон колата, но тогаш му се јавил извесен Дарко:„ А бе брат кај си, овие влегоа внатре“, му рекол.

    Тогаш тргнал кон Собранието и влегол веднаш во пленарната сала.

    „Внатре беше хаос. Меѓу народот имаше лица со радиоврски, со оружје, значки. Значките беа со амблем на УБК, добро го познавам амблемот, со меч е. Дел од тие лица беа од обезбедувањето на поранешниот премиер Никола Груевски. Имаше маскирани со службени значки на нив. Го трасираа патот до салите“, сведочеше Војминовски, кој во судот денеска беше спроведен од затвор.

    Во пленарната сала го сретнал обвинетиот пратеник од ВМРО-ДПМНЕ Сашо Василевски, со кого исто така се познавал.

    „Го прашав Сашо, што е ова што се случи? Ми рече: ‘Оди, те вика Љубен!’. Го прашав Љубен што е овој хаос, како да излезам надвор? Тој само ми покажа правец кон лицата со радиоврски, оружје и значки“, тврди Војминовски.

    Во моментов, дел од адвокатите сакаат да го дискредитираат како сведок, бидејќи Војминовски е неправосилно осуден за обид за убиство.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира