ПРАТЕНИЦИТЕ НА ВМРО-ДПМНЕ НЕ СЕ ОТКАЖАА ОД ПАРИТЕ ЗА РЕФЕРЕНДУМСКА КАМПАЊА, АМА СМЕТААТ ДЕКА ОДЛУКАТА НА ВЛАДАТА ЗА ФИНАНСИРАЊЕ НЕ Е ОД ИНТЕРЕС НА ГРАЃАНИТЕ

    ПРАТЕНИЦИТЕ НА ВМРО-ДПМНЕ НЕ СЕ ОТКАЖАА ОД ПАРИТЕ ЗА РЕФЕРЕНДУМСКА КАМПАЊА, АМА СМЕТААТ ДЕКА ОДЛУКАТА НА ВЛАДАТА ЗА ФИНАНСИРАЊЕ НЕ Е ОД ИНТЕРЕС НА ГРАЃАНИТЕВо дописот до Талат Џафери потпишан од координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев, никаде не се спомнува дека се откажува од парите што Владата ги одвои за Собранието за да се финансираат јавните кампањи на пратениците за референдумот за името (Фото:СДК.МК)

    Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За Подобра Македонија“ попладнево го извести претседателот на Собранието Талат Џафери дека смета оти одлуката на Владата за финансирање кампањи е своеволна и не е од интерес на граѓаните, и дека тие пари треба да се пренаменат за реализација на проекти од кои има реален интерес. Во дописот потпишан од координаторот Драган Данев, пратеничката група на најголемата опозициска партија никаде не спомнува дека се откажува од парите што Владата ги одвои за Собранието за да се финансираат јавните кампањи на пратениците за референдумот за името.

    Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не се изјаснија ни дали ќе поддржат гласање „за“ или „против“ или бојкот на референдумот, иако измина рокот што на сите пратеници им го даде Џафери, кој е и претседател на Координативното тело на Собранието за спроведување на референдумот и водење кампања.

    Дописот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За Подобра Македонија“ до претседателот на Собранието Талат Џафери

    Единствен од ВМРО-ДПМНЕ кој се изјасни и побара пари од Собранието за кампања е пратеникот Антонијо Милошоски кој застапува бојкот на референдумот.

    Владата одвои 1,3 милиони евра за Собранието за кампања за референдумот, но од Парламентот потенцираа дека пратениците нема да добиваат пари, туку Собранието ќе закупи медиумски простор и истиот, според изјаснувањето, ќе биде пропорционално поделен.

    Пратеничките групи на СДСМ, ДУИ, ДПА, Алијансата на Албанците, Беса, како и двајца независни пратеници или 71 пратеник се изјаснија дека се „за“ на референдумското прашање и го информирале претседателот на Собранието Талат Џафери дека нивните пратеници ќе земат активно учество во јавната кампања за референдумот за името.

    „Финансирање на своеволна кампања од власта со буџетски средства на граѓаните е погрешна одлука. Тие средства никој не им одобрил на пратениците од власта или нивните функционери да ги трошат за себерекламирање. Оправдувањето дека тие би биле за медиумска кампања за поддршка на референдумот се неосновани. Дополнително ја девалвираат способноста на граѓаните сами да проценат за придобивките од Договорот со Грција, како и за поврзаноста со европските стандарди и принципи. Ги повикуваме Владата и нејзините пратеници да се откажат од средствата за себерекламирање под превезот на референдум. Тие да ги насочат кон конкретни проекти во реалниот сектор. А информирањето за различни видувања околу можните исходи и последици да бидат предмет на бројни медиумски соочувања во претстојниот период, како и со јавно споделување на аргументите за опциите кои се нудат“, вели во дописот до Џафери пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

    Во друго соопштение денеска ВМРО-ДПМНЕ, чиј лидер Христијан Мицкоски уште не соопштил дали партијата ќе поддржи гласање или бојкот на референдумот, вели дека ќе ги донира средствата за кампања кои ѝ следуваат. Меѓутоа, очигледно станува збор за партиски спин, бидејќи Собранието не дава пари на партии, туку со закупување медиумски простор ќе им даде можност на сите пратеници кои се „за“, „против“ или „бојкот“ на референдумот, пропорционално, според  изјаснувањето, да бидат застапени и да можат да ги изразат пред  јавноста своите ставови и аргументи.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира