ПРВАТА ДОЗА ОД ВАКЦИНАТА ШТО ЌЕ СТИГНЕ ПРЕКУ КОВАКС ЌЕ БИДЕ ЗА 3 ОТСТО ОД НАСЕЛЕНИЕТО ЗА СИТЕ ЗЕМЈИ ШТО СЕ ВО СИСТЕМОТ ВО ИСТО ВРЕМЕ, ВЕЛИ УНИЦЕФ

    ПРВАТА ДОЗА ОД ВАКЦИНАТА ШТО ЌЕ СТИГНЕ ПРЕКУ КОВАКС ЌЕ БИДЕ ЗА 3 ОТСТО ОД НАСЕЛЕНИЕТО ЗА СИТЕ ЗЕМЈИ ШТО СЕ ВО СИСТЕМОТ ВО ИСТО ВРЕМЕ, ВЕЛИ УНИЦЕФЗемјите сами ќе одлучат на кои групи ќе им дадат приоритет, но сепак глобалната препорака е прво да се опфатат здравствените и социјални работници; - Во земјава вакцинацијата нема да биде задолжителна. (Фото: Ѓ. Личовски)

    УНИЦЕФ ќе помага логистички за вакцината за ковид-19 да стигне во земјава, во соработка со Светската здравствена организација (СЗО) и Министерството за здравство. Според проценките на УНИЦЕФ, на почетокот веднаш ќе бидат на располагање дози кои ќе покријат 3 отсто од населението во исто време во сите земји што учествуваат во Ковакс системот на СЗО и на Глобалната алијанса за вакцинација. Кон крајот на првата година, сите земји од системот ќе добијат вакцини за 20 отсто од населението на секоја земја.

    „УНИЦЕФ во Северна Македонија работи заедно со СЗО и партнерите во обезбедување поддршка на Министерството за здравство во проценка на подготвеноста на земјата да ја стави во употреба вакцината за ковид-19. Министерството за здравство формира Национална техничка работна група за ковид-19 која ќе биде задолжена, меѓу другото, да раководи со оваа работа. Ќе опфати и определување приоритет и дефинирање на целната популација. Се очекува дека на почетокот од ставањето во употреба на вакцините за ковид-19 нема да има доволно дози за широк опфат, но веднаш ќе бидат на располагање дози кои ќе покријат 3 отсто од населението во земјата за сите земји што учествуваат во Ковакс во исто време. Кон крајот на првата година, се очекува земјите да добијат дози за опфат на 20 отсто од населението на секоја земја“, велат од УНИЦЕФ ЗА САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Министерот за здравство Венко Филипче на почетокот на ноември кажа дека Македонија со вакцините ќе се снабди преку 2 механизми, едниот е Ковакс системот на СЗО и на Глобалната алијанса за вакцинација, а другиот е преку понудите на две европски земји кои потпишаа и билатерален договор со компанијата „Астра Зенека“ за таканаречената оксфордска вакцина, само за земји членки на ЕУ.

    „Полска ни пристапи и ни понуди одредена количина да ни препродаде од нивната. И премиерот Мицотакис на премиерот Заев исто така му укажал дека ќе може да сметаме и на одредена количина и од Грција. Очекувањата се дека тоа ќе биде во првите неколку месеци од следната 2021 година“, кажа Филипче.

    Во земјава, вакцината против ковид-19 нема да биде задолжителна и граѓаните сами ќе одлучат дали ќе се вакцинираат или не. За денес е најавено дека министерот за здравство Венко Филипче ќе има работен состанок со Координативното тело за вакцини за ковид-19 преку Ковакс механизмот кој обезбедува глобален и рамномерен пристап до безбедни и ефективни вакцини, потврдени и регулирани од СЗО.

    На состанокот, како што велат од неговиот кабинет, ќе се разгледува стратегијата за имунизација со вакцина за ковид-19 како и за приемот и дистрибуцијата на вакцините, категориите на граѓани кои ќе бидат први вакцинирани, како и текот на постапката на вакцинација. На состанокот ќе се разгледаат и искуствата на европските земји во делот на подготовките за вакцинација, по што ќе се направи оперативен план за вакцинација за ковид-19.

    На глобално ниво, УНИЦЕФ работи на набавка и снабдување со вакцини за ковид-19 во она што може да биде најголемата и најбрза набавка и снабдување со вакцини досега, како дел од глобалниот план за вакцини на ковид-19 и за глобален пристап (Ковакс механизам) предводен од Гави, Алијансата за вакцини. Се работи за глобален механизам на споделен ризик во обезбедување здружена и рамномерна дистрибуција на можните вакцини против ковид-19, а Северна Македонија е меѓу земјите кои се пријавија да бидат дел од механизмот како самофинансирана земја.

    Земјите сами ќе одлучат на кои групи ќе им дадат приоритет, но сепак глобалната препорака е прво да се опфатат здравствените и социјални работници, што е од пресудна важност за функционирање на основните услуги. Според УНИЦЕФ, потребна е проценка на студениот синџир и управувањето со здравствен отпад со оглед на тоа што се можни варијации во барањата за температура на која ќе се чуваат различните вакцини на ковид-19.

    Клучен дел од воведувањето вакцини за ковид-19 е обезбедување доволно човечки ресурси кои ќе имаат соодветно знаење, вештини и ставови.

    „Важно е да се запомни дека, дури и кога вакцината ќе стане достапна, дополнителна комуникација ќе биде потребна за одржување практики за правење тестирање, следење контакти, изолација, третман; и продолжување со одржување физичко дистанцирање, миење раце и носење маски за контрола на пандемијата“, апелира УНИЦЕФ.

    Во Министерството за здравство се свесни дека околу вакцинацијата постојат различни мислења и теории кои многу лесно се шират преку социјалните мрежи, па затоа подготвуваат кампања за едукација и информирање.

    „Ќе обезбедиме релевантни информации за да ги информираме граѓаните за вакцината, за самите да одлучат дали ќе се вакцинираат или не“, велат од Министерството за здравство.

    Македонија ќе добие вакцини против ковид-19 за 400.000 луѓе. Ковакс договорот што го има потпишано земјава предвидува вкупно 833.000 дози од вакцината против ковид-19 за 20 отсто од населението, бидејќи е потребно да се примат по две дози. Сепак, овие 833.000 дози нема да стигнат сите одеднаш, вели претседателката на Комисијата за имунизација д-р Александра Грозданова, туку со динамика и план согласно нашите капацитети, а според неа, првите дози реално би требало да се очекуваат во првото тромесечие (јануари-март) од следната година.

    „Во првите 20 проценти се предвидува вакцинирање најпрво на ризичните групи како здравствените работници, хронично болните и постарата популација. Потоа секако се планира набавка на дополнителни количини на вакцини и за останата популација“, вели д-р Грозданова.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира