РЕФЕРЕНДУМИТЕ СЕ НЕПРЕДВИДЛИВИ, НО СЕ ШАНСА ЗА ЛУЃЕТО ДА ЈА ПРОМЕНАТ ИДНИНАТА, ВЕЛИ БРИТАНСКАТА АМБАСАДОРКА ГАЛОВЕЈ

    РЕФЕРЕНДУМИТЕ СЕ НЕПРЕДВИДЛИВИ, НО СЕ ШАНСА ЗА ЛУЃЕТО ДА ЈА ПРОМЕНАТ ИДНИНАТА, ВЕЛИ БРИТАНСКАТА АМБАСАДОРКА ГАЛОВЕЈ„Изминатов период во Македонија дојдоа многу меѓународни претставници, кои ги повикуваат Македонците да излезат и да гласаат за својата иднина.Таа одлука е на Македонците, не на другите земји, и тие се тие кои треба да одлучат на 30 септември“.- Амбасадорката Галовеј на археолошкиот локалитет Хераклеја во Битола (Фото: Ѓ. Личовски)

    Амбасадорката на Велика Британија во Македонија, Рејчел Галовеј, која од  јули ја презеде службата во Скопје се сретна со екипата на САКАМДАКАЖАМ.МК на археолошкиот локалитет Хераклеја.  Таа беше во Битола, каде имаше свечена средба со годинашниот лаурет на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, британскиот оскаровец Роџер Дикинс.

    Новата амбасадорка ги сподели своите први впечатоци, планови и пораки за  македонските граѓани, како и доживувањата на македонската култура, храна и на градовите.

    „Премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас беа храбри да излезат и да склучат договор кој има тешки компромиси за двете земји, и ги поддржуваме луѓето да излезат и да гласаат за својата иднина. Народот треба да одлучи што сака“. – Рејчел Галовеј (Фото: Ѓ. Личовски)

    Пред референдумот на 30 септември, на кој Македонците ќе гласаат дали се за или против влез во Европската унија и НАТО со прифаќање на договорот со Грција за промена на името, Галовеј ги сподели нејзините ставови во однос на британскиот референдум за Брегзит, на кој Британците изгласаа да излезат од ЕУ.

    „Референдумите се непредвидливи, тоа го научивме и ние од нашиот, но се дел од демократските практики на државата и се шанса за луѓето да излезат и да ја променат иднината на нивната земја“, вели Галовеј.

    Таа вели дека Обединетото кралство го поддржа договорот помеѓу Македонија и Грција. „Премиерите на двете земји Зоран Заев и Алексис Ципрас беа храбри да излезат и да склучат договор кој има тешки компромиси за двете земји, и ги поддржуваме луѓето да излезат и да гласаат за својата иднина. Народот треба да одлучи што сака. Пораката од нашиот референдум е дека луѓето треба да ги прават демократските избори“, ни рече Галовеј.

    Со амбасадорката проговориме за неодамнешната посета на американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис, кој ги осуди руските обиди, со пари и моќ да ја поддржат опозицијата пред референдумот, за што таа вели: „Изминатов период тука дојдоа многу меѓународни претставници, кои ги повикуваат Македонците да излезат и да гласаат за својата иднина. Таа одлука е на Македонците, не на другите земји, и тие се тие кои треба да одлучат на 30 септември“.

    „Има голем интерес од Лондон, во Македонија ќе дојдат уште многу луѓе, ќе имам состаноци со Владата, со луѓето од невладиниот сектор и од тоа ќе дознаам каде да ги вложам моите напори“, вели амбасадорката (Фото: Ѓ. Личовски)

    Последниве години има директен лет од Скопје до Лондон, но сепак патувањето дотаму е тешко поради долгата и скапа продецура за добивање на виза. На прашањето дали има најави за олеснување на процедурата, британската амбасадорка вели дека процесот за виза е постојано на разгледување, и дека во моментов не е запознаена со некакови планови за промена кои ќе влијаат на визниот режим со Македонија.

    Галовеј вели дека фактот што Македонија и Велика Британија имаат толку многу полиња на соработка, во надворешната политика, економијата, војската, општествените дејности, предизвик за неа еа да одлучи каде најдобро може да ги насочи своите напори.

    „Во амбасадата имам неверојатно силен тим со кој имам одлична соработка. Има голем интерес од Лондон, ќе дојдат уште многу луѓе, и ќе видиме што ќе се случи во следниот период. Ќе имам состаноци со Владата, со луѓето од невладиниот сектор и од тоа ќе дознаам каде да ги насочам моите напори“, кажа Галовеј.

    „Шест месеци го учам македонскиот јазик, разбирам сѐ, но тешко ми оди говорењето, но ќе вежбам и ќе го совладам“, вели амбасадорката Галовеј (Фото: Ѓ. Личовски )

    Освен за политиката, амбасадорката со нас весело сподели дека кога во Скопје пристигнала со семејството од Брисел, топлото време беше прво нешто што ги израдува нејзините две деца.

    „Откако го добив акредитивното писмо од претседателот Ѓорѓе Иванов во Вила Билјана во Охрид,  имав многу состаноци, и потоа сите заминаа на летни одмори. Со моето семејство поминавме една недела во Охрид и во Струга, имавме типичен семеен одмор, јадевме убава храна, пливавме, потоа го истражувавме Скопје“, вели Галовеј.

    Уште пред да дојде во Македонија, ѝ кажале дека зеленчукот е неверојатено вкусен, во што се уверила и самата и вели дека омилени ѝ се доматот и сирењето.

    „Пробав ајвар, но дома сѐ уште не сме направиле и тоа ни е следен предизвик (ха, ха). Сакаме да готвиме, најчесто индиска и северно-африканска  храна и учењето да зготвиме македонска храна ќе ни биде предизвик.

    Инаку, кога пристигавме во Скопје, прв впечаток ми беше дека луѓето се исклучително топли и гостољубиви, а втор дека сите ќе се здебелиме тука (ха, ха)“, ни рече амбасадорката, која изминативе шест месеци го учи македонскиот јазик, и признава оти ѝ е тежок, бидејќи досега немала прилика за изучува словенски јазици.

    „Разбирам сѐ, но тешко ми оди говорењето, но ќе вежбам и ќе го совладам“, весело вели таа.

    Галовеј додава оти со семејството сакаат да возат велосипеди, да одат на Водно, летово биле на концертите во Градскиот парк, на натпревар на стадионот и оти со нетрпение го очекува концертот на Македонската филхармонија во четврток за отворање на новата сезона.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира