РЕКТОРОТ НА УКИМ ЈАНКУЛОВСКИ ПРАШУВА СПОРЕД КОЈ ЗАКОН АНТИКОРУПЦИСКА КОМИСИЈА ВИДЕ СУДИР НА ИНТЕРЕСИ, ПО ПРЕДЛОГОТ ДА СЕ ПОВЕДЕ КРИВИЧНА ПОСТАПКА ЗА НЕГО И ЗА ДИРЕКТОРОТ НА ДИГЕСТИВНА ХИРУРГИЈА

    РЕКТОРОТ НА УКИМ ЈАНКУЛОВСКИ ПРАШУВА СПОРЕД КОЈ ЗАКОН АНТИКОРУПЦИСКА КОМИСИЈА ВИДЕ СУДИР НА ИНТЕРЕСИ, ПО ПРЕДЛОГОТ ДА СЕ ПОВЕДЕ КРИВИЧНА ПОСТАПКА ЗА НЕГО И ЗА ДИРЕКТОРОТ НА ДИГЕСТИВНА ХИРУРГИЈАРаботното место на Клиниката за дигестивна хирургија не може да биде ставено во мирување токму поради ангажманот на УКИМ, одговори ректорот Никола Јанкуловски по вчерашната одлука на Антикорупциска комисија (Фото: СДК.МК)

    Ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Никола Јанкуловски ја повика Државната комисија за спречување на корупцијата да образложи по кој законски пропис видела судир на интереси, откако на вчерашната седница одлучи да предложи да се поведе кривична постапка за него и за директорот на Клиниката за дигестивна хирургија Зоран Караџов оти не го ставил во мирување работното место на клиниката. Тој вели дека оваа одлука ја примил со неверување, и додека правно не се реши ова прашање, го смета изнесеното на вчерашната седница за нарушување на неговите чест и углед.

    Комисијата вчера одлучи да побара од Клиниката за дигестивна хирургија работното место на ректорот да се стави во мирување до завршување на ангажманот во УКИМ. Членовите на комисијата образложија дека по документацијата приложена и од Клиниката и од Ректоратот констатирале дека треба да се направи усогласување со Законот за високо образование.

    Јанкуловски вели дека според законските прописи, ректорот за да може да работи како ректор треба да биде професор на Медицински факултет, а според Законот за здравствена заштита за да биде професор на Медицински факултет работното место на Клиниката не може да му биде во мирување.

    „Ректорот не може да извршува здравствена дејност доколку работното место му се стави во мирување, а со тоа му се одзема и правото да биде професор, што е спротивно на законските прописи. Досега немало случај на ниеден универзитет ректорот истовремено да не е професор“, се вели во соопштението од ректорот до Антикорупциска комисија .

    Комисијата на вчерашната седница информираше дека од увидот во документацијата утврдиле дека работното место на ректорот не е во мирување, бидејќи тоа било направено кога е избран и кога важел стариот Закон за виско образование. Според Комисијата, со новиот Закон за високо образование надоместокот за вршење функција ректор е еквивалентно на плата  и поради тоа барааат работното место да му се стави во мирување.

    „Од увидот во документацијата утврдено е дека директорот на Клиниката не донел правилник за надоместокот на плата и затоа се предлага постапка за негова кривична одговорност и работата на ректорот да се стави во мирување“, рече претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска, која додаде дека не бараат тој да не врши здравствена дејност, туку да се регулира исплатата на плата.

    Ректорот Јанкуловски образложува дека надоместокот што го добива од Клиниката и од факултетот се плата, а надоместокот што го добива додека ја врши функцијата ректор е додаток на плата.

    „Неосновани се тврдењата дека директорот на Клиниката за дигестивна хирургија требало да донесе правилник, бидејќи за исплата на плата во здравствена дејност постои колективен договор“, се вели во соопштението.

    Директорот на Клиниката за дигестивна хирургија одби да ја коментира одлуката на Антикорупциска комисија.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари