САД ГИ СТАВИ НА ЦРНА ЛИСТА ГРУЕВСКИ И МИЈАЛКОВ СОСЕ СЕМЕЈСТВАТА

    САД ГИ СТАВИ НА ЦРНА ЛИСТА ГРУЕВСКИ И МИЈАЛКОВ СОСЕ СЕМЕЈСТВАТАГруевски и Мијалков сосе членовите на нивното потесно семејство се неподобни за влез во САД каде ќе им биде блокиран и имотот. (Фото: СДК.МК)

    Американскиот Стејт департмент ги стави на црна листа експремиерот Никола Груевски и ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков, како одговор на нивното учество во значајна корупција. Како што соопшти Стејт департментот, нивните дела го поткопуваат владеењето на правото, демократските институции и јавните процеси и ја еродираат јавната доверба во владата. Покрај Груевски и Мијалков, Стејт департментот, исто така, на црна листа ги стави членовите на нивното потесно семејство па сите се неподобни за влез во САД.

    Исто така, ќе биде блокиран целиот нивни имот и интереси во нивна сопственост во САД.

    „Во неговото службено својство на премиер, Груевски беше вмешан во коруптивни дејствија меѓу кои користејќи го своето политичко влијание и официјалната моќ за лична корист. Поточно, постојат веродостојни информации дека Груевски ја злоупотребил моќта на својата функција за да бара и прима мито за возврат на владини договори, незаконски присвоени јавни средства и мешање во изборните процеси за политичка полза за себе и за неговата партија“, вели Стејт департментот.

    За Мијалков велат дека „во службеното својство на директор на УБК, бил инволвиран во коруптивни дела меѓу кои и користење на неговото политичко влијание и официјална моќ за лична корист. Поточно, има веродостојна информација дека Мијалков го злоупотребил овластувањето на функцијата за да бара поткуп за возврат да се склучат владини договори, и се мешал во изборните процеси во своја и политичка корист на својата партија“.

    Груевски во ноември 2018 избега во Унгарија каде сега има политички азил во Будимпешта. Беше осуден на 2 години затвор за случајот со нелегална набавка на мерцедесот од 600 илјади евра. Осомничен е во клучните случаи за висока корупција на поранешното СЈО кои ги презеде Обвинителстовот за организиран криминал. Мијалков е неправосилно осуден на 12 години за масовното прислушување и првостепено уште на 8 години за предметот „Трезор“, обвинет е во „Плацеви на Водно“, а против него се води истрага за предметот „Империја“.

    „Овој потег ја потврдува посветеноста на САД за поддршка на владеењето на правото и зајакнување на демократските институции на Република Северна Македонија. Одделот ќе продолжи да ги користи ваквите овластувања за да промовира одговорност за корумпираните актери во овој регион и на глобално ниво“, вели Стејт департментот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира