САД го поздравија резултатот од референдумот за името и изразија силна поддршка за целосната имплементација на Договорот од Преспа во Собранието, оти сметаат дека тоа за Македонија ќе овозможи заслужено место во НАТО и ЕУ, што ќе придонесе кон регионалната стабилност, безбедност и просперитет.
„САД гo поздравија резултатот од референдумот во Македонија на 30-ти септември, во коj граѓаните изразија поддршка за членство во НАТО и ЕУ со прифаќање на Договорот од Преспа меѓу Македонија и Грција“, соопшти Стејт департментот на САД по одржувањето на референдумот за името.
„САД силно ја поддржуваат целосната имплементација на Договорот од Преспа, кој ќе и го овозможи на Македонија заслуженото место во НАТО и ЕУ, што ќе придонесе кон регионалната стабилност, безбедност и просперитет. Сега, кога македонското Собрание ќе почне расправа за уставните измени, ги повикуваме лидерите да се издигнат над партиската политика и да не ја испуштат историската можност да обезбедат посветла иднина за земјата, како полноправна членка во западните институции“, се вели во реакцијата на САД.