СДСМ И ДУИ СО ЗАЕДНИЧКИ ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ КАНДИДАТ, СЕ ДОГОВОРИЈА ЗАЕВ И АХМЕТИ

    СДСМ И ДУИ СО ЗАЕДНИЧКИ ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ КАНДИДАТ, СЕ ДОГОВОРИЈА ЗАЕВ И АХМЕТИНеофицијално, Ахмети ги бендисал четворицата кои се во игра за единствен претседателски кандидат, Пендаровски, Шеќеринска, Димитров и Спасовски. (Фото: К. Попов)

    За време на денешната седница за пратенички прашања, лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев и лидерот на ДУИ Али Ахмети разговараа и се договорија на претседателските избори да настапат со заеднички кандидат. Името најверојатно ќе го соопштат в петок, по враќањето на Заев од службен пат во Романија, односно Австрија.

    „Направивме една суштинска анализа и се договоривме да воспоставиме еден стандард во нашата земја, иако обиди имаше и порано за тоа, меѓутоа беа неуспешни, за да дадеме една здрава порака до нашите граѓани дека имаме доволно зрели политички партии, но и општество, за да може да донесат заеднички одлуки за претседател на државата. Така што, се договориваме на овие избори да излеземе со заеднички кандидат за претседател на државата“, изјави Ахмети по средбата која траеше еден час.

    Неофицијално, на средбата Заев на Ахмети му ги соопштил од прва рака имињата на кандидатите за претседател во рамките на партијата, а кои ги предложиле, според статутот, општинските организации на СДСМ. Покрај за самопредложениот на конкурсот Ѓорѓи Филипов, Заев на Ахмети на денешната едночасовна средба му ги кажал предлозите и од општинските организации, а тоа се Стево Пендаровски, Радмила Шеќеринска, Оливер Спасовски, Никола Димитров и уште неколку други имиња, со назнака дека не сакаат да се во игра, односно не се заинтересирани за кандидатура како овие четири имиња.

    Промоцијата на еден од овие четворица кандидати меѓу Шеќеринска, Спасовски, Димитров и Пендаровски, ќе се случи в недела на конгресот на СДСМ што најверојатно ќе се одржи во хотелот Александар Палас во Скопје.

     

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари